Треба споро да се старее. Тоа е затоа што - како што велат некои научници - со годините субјективното чувствување на времето некако забрзува. Тоа е како кога оној авантурист Баумгартнер паѓа од небесата: сè побргу. Внатрешните димензии еден ден се многу поголеми за еден осумгодишник отколку за некој од осумдесет години. Старееме, велат тие научници, со забрзување - сè додека не треснеме од смртта, затоа што падобранот не се отворил, а не се отворил затоа што не го ни имало; некој ве сјебал. Заборавете го, значи, падобранот: го нема, освен ако не верувате во Оној Свет, но тоа е друго.
Да се старее не значи нужно и да се пропаѓа (во секоја смисла: од простата до она малку памет). Куп старци оставиле блескава трага во историјата, затоа што не се предавале. Мој шампион е оној марокански државник и дипломат Ел Мокџи, пензиониран конечно во 1955., во длабока старост како голем везир. Е, тој чичко во неговата 104-та година од животот успеал да преговара прво со Луј Наполеон Трети (како млад дипломат), а на крај и со генерал Ајзенхауер после Втората светска војна - па вие видете што поминал во животот.
Не ви е доста?
Молам:Тицијан со 99 години уредно сликал и би сликал и понатаму да не го однела чумата. Сликарите тука се шампиони: Пикасо до 97, Фрањо Рачки до 104, познатата американска сликарка баба Моузес последното платно го потпиша во 101-та година, итн. Ни филозофите не се толку лоши: Бертранд Расел ја објавил последната книга во 91, Бенедето Кроче со 86, Томас Хобс со 88, ги има уште. За политичарите се мисли дека власта ги држи во живот. Черчил се повлекол со 80, да не ги загубеше изборите кој знае колку би потрајал, Де Гол со 78 (ист случај), Хо Ши Мин со 79, сенаторот Грин од Род Ајленд со 93, судијата на Врховниот суд на САД Холмс со 90, после половина век во судот од кои 30 во Врховниот. Судијата Холмс рекол: "Смртта ме влече за уво и ми вели: живеј, затоа што доаѓам!".
Стареењето, значи, не е проблем самото по себе. Проблемот е како ние се снаоѓаме во тоа стареење. Овие нови и дигитални времиња навистина имаат забрзано некои работи. Не е тоа, меѓутоа, "лошо време за старците" (или како и да се вика оној лошиот филм на браќата Коен); не е "тешко време за матори", како што кажа Џони Штулиќ, додека беше уште обичен мрсулко и немаше појма; прашајте го сега.
Не знам како излегуваат жените на крај со тоа, веројатно подобро од машките, затоа што не се оптоварени со очекувања, суети и останати машки глупости. Не е тоа затоа што тие подолго живеат, нешто ми вели дека се попаметни. Значи, пред да сфатиме дека а) падобранот нема да се отвори; б) дека падобран нема; и в) дека ќе треснеме врз смрта многу силно и одеднаш, подобро би ни било да мислиме на секојдневниот живот. Американското движење "Сиви пантери" (таканаречени senior citizens, денес би се рекло трето доба, нели), при крајот на 60-тите со право бараше укинување на обврзното заминување во пензија: кој сака, може; кој нејќе - не мора. Фино дедовците и бабите велеле дека луѓето сè подолго живеат и кој ќе ги издржува сите тие пензионери? Еве нè токму таму.
Има тука нешто што е поважно; пренос на искуствата, знаењата и вештините на младите гнерации, кои нема тоа да го научат на школо, затоа што тоа не се предава. Еден директор на полиција ми се жалеше токму на тоа: старите полицајци одат во пензија без шанса и прилика на младите полицајци да им ги пренесат тие знаења и вештини на кои нема да ги научи ниту една полициска академија.
Тоа што сте остареле не значи дека треба да помогнете во напорите од вас да направат мрцина. Мојот дедо Нико хранеше пилиња, чуваше патчиња и воопшто беше од корист во куќата сè додека не "падна од нозе", на 86 години, молам. Активното стареење го продолжува животот, велат паметните и книшки луѓе. Секако: познатиот јапонски сликар Хокусаи велеше дека полека учел: "Сè што направив до мојата 70-та не вреди.
Со 73 научив нешто за вистинската структура и природата на животните, билките, дрвјата, птиците, рибите и инсектите. Значи, со 80 уште ќе напредувам; со 90 ќе ја прозрам мистеријата на нештата; со 110 сè што ќе нацртам ќе биде живо. Ги молам сите кои ќе живеат доволно долго како мене да проверат дали ќе го одржам зборот".
Токму затоа што времето ни се забрзува, треба да се старее споро. Тоа итање и забрзување на времето може да се забави само со работа и со создавање, затоа што вашиот ден е сè пократок и не треба да го пуштите залудно да ви помине. Правете било што: ако за вашиот занает ви фали сила, учете ги помладите, еден ден ќе ви бидат благодарни. Ако имате сила, работете! Не заборавајте: ова доба (недоба) има заборавено на природниот пренос на искуства и вештини од колено на колено; ова недоба се потпира на механика и на машини. Само до самиот крај активни луѓе живееле долго. Паѓате со забрзување од 1G, не заборавајте!
Автор: Милош Васиќ
(превод Букбокс)