Макрон собира научни докази дека Брижит е жена

Претседателот Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит собираат фотографии, вештачења и научни докази за да докажат пред американски суд дека првата дама на Франција е жена. Документите ќе ги претстават во тужбата за клевета против десничарската инфлуенсерка Кендис Овенс, која тврди дека Брижит Макрон е родена како маж. Брижит да беше Бардо, немаше да се влечат по судови.

Макронови во јули поднесоа тужба против популарната конзервативна коментаторка Овенс пред суд во сојузната држава Делавер. Ја обвинуваат за клевета, затоа што „ги игнорирала сите веродостојни докази што ја побиваат нејзината теза и застапува теоретичари на заговор и докажани клеветници“.

Станува збор за одбрана на мојата чест! Бидејќи ова е бесмислица. Некој што добро знаел дека има лажни информации го објавил тоа со цел да предизвика штета, во служба на идеологија и врски со крајно десничарски лидери, изјави францускиот претседател во август за „Пари мач“.

Адвокатот Том Клер изјави дека Емануел и Брижит Макрон сега се подготвени да покажат вештачења и конкретни докази дека обвинувањата се лажни. Пред судот ќе претстават и фотографии од Брижит во бременост, за кои Овенс тврди дека не постојат. 

Емануел Макрон и 24 години постарата од него Брижит (моминско Троњу, а потоа Озиер, од првиот сопруг), се во брак од 2007 година, десет години пред да биде избран за претседател на Франција. Во врска се уште од негова 15-годишна возраст, кога тој бил средношколец, а таа му била учителка. Брижит тогаш била омажена и мајка на три деца.

Конзервативната коментаторка и активистка Кендис Овенс, која има милиони следбеници на социјалните мрежи, тврди дека ја вложува целата своја професионална репутација зад тврдењето дека Брижит е маж, родена како момче со име Жан-Мишел Троњу. На ова тврдење посвети и мини-серијал на својот канал на Јутјуб.

Овенс се повикува на извештајот на списанието Факти и документи, и на тврдењата на француските блогерки Амандине Рој и Наташа Реј, кои наведуваат дека нема фотографии дека Брижит била трудна. Првата дама на Франција ги тужеше Рој и Реј, кои се извлекоа со симболична казна.

Во американските случаи на клевета против јавни личности, од тужителите се бара да докажат „вистинска злоба“ - дека обвинетиот свесно ширел лажни информации или дејствувал со неодговорно непочитување на вистината.

Емануел и Брижит Макрон бараат и парична отштета, тврдејќи дека клеветата им нанела „значителна економска отштета“, како „губење можности за бизнис“.

Овенс тврди дека она што го кажува е вистина и дека нема ништо поамериканско од слободата на говорот и можноста за критикување. Дури и претседателот Доналд Трамп ѝ се јавувал и ја замолил да запре. На Емануел и Брижит Макрон им порача: „Се гледаме на суд“.

******
Види и: Емануел и Брижит Макрон ја тужат Кендис Овенс
Брижит Макрон ги тужи жените што тврдат дека е родена како машко
Сопругата на Макрон не е транссексуалец

18 септември 2025 - 11:09