Џими Конорс, денес шеесетгодишен тениски пензионер, има освоено осум гренд слема. Се уште го држи машкиот рекорд за најголем број гренд слем четвртфиналиња (41), за најдолго останување во врвните 10 (817 недели), и за победи на најголем број турнири (109). Го популаризираше бекхендот со две раце, и е заслужен што во Америка тенисот во седумдесетите е издигнат во петте главни спортови во земјата. На 30 мај 2012 на French Open Федерер го надмина неговиот рекорд од 233 гренд слем победи, a Конорс со половина уста му честиташе преку Твитер.
Конорс генерално бил познат како кретен. И тоа по сè изгледа поголем дури и од Мекинро. Последниов, во неговите мемоари од 2002 под наслов „Не си ваљда сериозен" (You Cannot Be Serious), пишува за неговата прва средба со Конорс во гардеробата пред полуфиналето на Вимблдон 1977. Мекинро бил „чудото од дете" а Конорс главниот фраер. Малиов му пришол да се поздрави ко човек, а овој просто прошол покрај него како невозвратена паралела. Па уште истово го напишал и во автобиографијава, за уште еднаш да го изнервира, како и првиот пат.
Агаси пак во неговата книга „Отворено" (Open) од 2009, чиј „писател-дух" е Џ. Р. Морингер, се сеќава на друга сцена, исто така во гардероба, на US Open од 2006, неговиот последен турнир. Кога загубил во третата рунда, играчите, тренерите, па дури и обезедувањето застанале на нозе, ракоплескале и му оддале почит на херојот во моментот на неговото пензионирање. Сите го сториле тоа, освен - Конорс. „Си стоеше крај еден ѕид со празен поглед на лицето и цврсто прекрстени раце", пишува Агаси.
Но тоа не е сè што се однесува до неговиот безобразлук. Во новата автобиографија тој не заборава да ја оцрни и неговата бивша девојка, една од најуспешните тенисерки во историјата на тенисот, Крис Еверт. Во 1974, додека се мувале, и двајцата ги освоиле поединечните титули во Вимблдон. Таа година Spots Illustrated напишал: „Прв пат во историјата традиционалниот прв танц на Вимболдонскиот бал беше резервиран за двајца шампиони кои се истовремено и пар - Еверт на 19 и Конорс на 21 годишна возраст".
Но нивната свадба закажана неколку месеци подоцна никогаш не се случила, иако тогаш никој не кажал зошто. Од нигде никаде сега, 40 години подоцна, Конорс имал потреба да напише дека една од причините бил абортусот кој таа го имала непосредно пред свадбата, кој „му ја уништил инаку совршената сезона 1974".
Еверт веднаш по излегувањето на книгата напиша отворено писмо, објавено преку Ројтерс, во кое вели: „Во неговата книга Џими Конорс пишува за време од нашата врска кое беше многу интимно и емоционално болно. Крајно сум разочарана што ја користи книгата за погрешно да претстави една лична работа која се случила толку одамна, и да ја обзнани, без мое знаење. Се надевам секој може да разбере дека немам понатамошни коментари на оваа тема."
Сепак, Конорс во книгата успева да се отвори и за работи кои се однесуваат и само на него - кажува дека има опсесивно-компулсивно нарушување (стварно?), и дека има некаков дефект на очите заради што не може да чита. Мамел како бруцош на Калифорнискиот универзитет и го фатиле, по што веднаш завршила неговата кариера на студент. Ја мамел и жена му. За малку ќе бил водител на квизот Wheel of Fortune. Сака табла и пепси и коцкање. Со брат му се суди со години, а и со поранешниот бизнис партнер. Признава дека еднаш се олеснил среде терен во Вашингтон, кога ептен му се примочало (никој не забележал). И се присеќава на меч во Филадефлија кога бил суспендиран на три недели заради безобразен гест. „Што, не е дозволено да си ги фаќаш јајцата? Не сум го добил тоа известување", вели тој во манирот на добар забавувач. А ако не верувате дека бил и тоа, а и по малку ненормален, погледнете ги видеава.