Не се работи за нормална земја и за избор на женска убавина туку за Саудиска Арабија и нивниот престижен избор за камилска убавица.
Тоа е еден од централните настани на едномесечниот Фестивал на камилата кој заради омасовување, годинава бил преместен од длабока пустина во близина на главниот град. Присуствуваат илјадници посетители и се вртат околу 60 милиони долари промет.
Саудиска Арабија се менува ама бавно и пресмешно. Неодамна дозволија жена да влезе во кино сала а можеби наскоро ќе дозволат дури и да вози кола (ехеј!). Сепак, оваа богата и авторитарна вукојебина е далеку од тоа да дозволи избор на нормален избор на Мис па ова со камилите е најблиску до тоа, со оглед на високиот статус кој камилата традиционално го има во животот на Бедуините: од нивната транспортна функција и улогата во војните па до емотивните бенефити кои произлегуваат од дружењето со неа.
За жал, оваа година амбициозноста на некои од менаџерите на овие мисици ја преминала границата па нивните пуленки се дисквалификувани од натпреварот заради употреба на ботокс за нивно разубавување.
„Арапски бизнис“ пренесува дека се работи за дузина убавици кои, заради ботоксот, не можеле ни да се намрштат на ваквата одлука.