Авторите на книгата „The Human Planet: How We Created the Anthropocene,“ Сајмон Луис и Марк Маслин, објаснуваат дека влијанието на колонијализмот е толку длабоко што „може да се почувствува во карпите и воздухот на Земјата.“
Меѓу научниците денес генерално има согласност дека човештвото ја менува планетава на начин еднакво моќен како и природните геолошки сили од типот на тектонски движења, и дека тие промени ќе бидат забележливи со следните милиони години. Сето тоа го водат како ново доба наречено Антропоцена епоха.
Она околу што не можат да се согласат е кога точно почнува оваа епоха. За едни тоа е експлозијата на атомската бомба, за други тоа е изумот и масовната употреба на пластика, која помешана со камења, почнува да формира сопствени геолошки слоеви.
За разлика од вака скорешните датуми, според Луис и Маслин вистинскиот почеток е некаде во 16-от век, кога европските истражувачи, војници и доселеници почнуваат со колонизација на Новиот свет.
Кога Британците и Шпанците пристигнуваат во централна и јужна Америка, тие со себе носат најразлични болести кои подоцна убиваат над 50 милиони домородни Американци. Ова доведува до комплетен колапс на тамошните општества и земјоделие. Оставена сама на себе, природата почнува да го освојува дотогаш обработуваното земјоделско земјиште.
„Ова можеме да го видиме во слоевите на Антарктикот. Тие ни даваат сведоштво за историјата на атмосферата во изминатите илјадници години. Тие ни покажаа дека нивоата на јаглерод-диоксид достигнале забележителен минимум некаде околу 1610 година, бидејќи шумите, кои се далеку подобри во апсорбирање на јаглерод-диоксид отколку земјоделските култури, покривале огромни делови од американскиот пејзаж, благодарејќи на истребувањето на луѓето кои некогаш ги обработувале тие земјишта,“ објаснуваат Маслин и Луис, според кои ваквиот ефект продолжува се додека популацијата не се врати на бројките од пред пристигнување на колонизаторите.
Други промени што ги создава откривањето на Америка, е што во рок од неколку децении Европејците почнуваат да јадат домати и компир. Или, на пример во Кина, по пристигнувањето на пченката земјоделците почнуваат да ги обработуваат и посушните предели на земјата, што доведува до огромно сечење шуми и голем раст на популацијата.
Колонизирањето на Америка формира трговски триаголник во кој европските производи се продаваат во Африка во замена за робови, кои се превезувани во Америка со цел одгледување на тутун и памук за Европа. Ова според нив е зачетокот на глобализацијата.
Промената што глобализацијата успева да ја направи се гледа и денес во животинскиот свет, па така на пример во САД најголемиот дел од црвите се европски видови дојдени на европските бродови во 16-от век, кои како поуспешни во наоѓање хранливи материи успеваат да ги истребат тамошните видови.
„Антропоцената ера започнува со масовно ширење на колонијализмот и ропството; тоа е сторија за тоа како луѓето ја третираат околината и како луѓето се третираат едни со други,“ порачуваат двајцата автори.