Светското население моментално изнесува 8,27 милијарди луѓе. Според проекциите од агенции на ОН, популацијата ќе се зголемува до 2084 година, кога ќе го достигне максимумот од 10,3 милијарди, а потоа ќе почне да опаѓа поради намалената стапка на фертилитет во најнаселените земји – Кина и Индија.
Подолгорочните прогнози се крајно непрецизни, бидејќи опфаќаат генерации што не се родени и можни откритија што би го продолжиле просечниот животен век, па грубите проценки варираат од 11 милијарди до 3 милијарди луѓе до крајот на идниот век.

Намалувањето на светската популација на околу 4 милијарди луѓе до 2200 година би можело да помогне во ублажувањето на притисокот врз ресурсите на Земјата и да создаде поодржлива иднина, укажува нова студија за одржливоста на популацијата, потпишана од мултидисциплинарна група демографи и други научници од универзитети во Њујорк, Ванкувер, Бризбејн и Атина.
Тие поставуваат постепени прагови на одржливост, се додека не се постигне овој „оптимум“. Стратегијата за благо запирање на растот на населението би било во корист и на природата и на човештвото: ќе ја намали сиромаштијата во регионите со висок фертилитет преку помали семејства, ќе го намали загадувањето, ќе ги намали конфликтите околу ресурсите и имиграцијата и ќе го подобри квалитетот на живот во густо населените области, наведуваат истражувачите.

Главниот заклучок од истражувањето потсетува на озлогласените програми за евгеника или на политиката на Кина која им бранеше на семејствата да имаат второ дете. Низ историјата имало многу обиди за намалување на населението преку програми за присилна стерилизација насочена кон посиромашните заедници, врз кои била префрлана одговорноста за заситувањето на природните ресурси.
Авторите тврдат дека нивната проекција се базира на какви било присилни мерки и ограничувања, туку на проширување на слободата, особено на жените. Планот целосно се потпира на општествен напредок: обезбедување сеопфатни услуги за планирање на семејството и проширување на образовните можности за девојчињата, особено во регионите со ниски приходи.

По промовирањето на планирање на семејството во Иран стапките на фертилитет драстично опаднаа од 4,08 деца по жена во 1992 година на 1,94 во 2001 година. Во Јужна Кореја опсежните општествени иницијативи ја намалиле стапката на фертилитет од 4,07 во 1972 година на 1,93 во 1984 година, а во Костарика од 4,16 на 1,98 во периодот од 1972 година до 2009 година поради вложувања во здравството и образованието.
Ништо од ова не беше постигнато преку принудни или манипулативни методи, туку преку подобрување на услугите за репродуктивно здравје и проширување на пристапот на девојчињата до образование, истакнуваат авторите.
******
Види и: Не само што сме вишок, туку сме вишок 6 милијарди?