61 годишниот Лоренс МекКини се надевал барем на еден милион долари отштета од државата заради чија грешка над три децении минал зад решетки. Засега има само 75 долари кои му ги дале по излегувањето од затворот „за да си го рестартира животот“.
Имал само 22 година кога во 1978 година се нашол на робија. Една година претходно, жена пријавила дека била силувана од двајца мажи а својот сосед МекКини го препознала како еден од нив.
Бил осуден на 115 години затвор. 30 години подоцна, во 2008-ма, ДНК анализа недвосмислено го ослободува од обвиненијата и тој следната година излегува на слобода, со 75-те долари дадени од затворските власти.
„Бидејќи немав лична карта, и за тие 75 долари ми требаа три месеци за да ги добијам“, рече МекКини.
Настрана пристојното обесштетување кое со години залудно го бара, МекКини лани побарал од судскиот систем да го рехабилитира за делото кое не го сторил. Одборот надлежен за тие прашања го одбил барањето за рехабилитација со гласање 7- 0.