Кога не постојат убијци зашто убиениот заслужил

Во едно нормално општество, ако некого го обвинат за криминал или убиство, тој или ќе го негира тоа или ќе го признае делото. Во Русија има и трет начин: да бидеш горд на тој чин ама да негираш дека си го сторил. А таа логика на ангро ја имате и овде, кога се сеири и се правдаат срањата на своите; па после ќе се сврти тркалото; па ќе се дојде до она залудно прашање од секоја војна: Кој прв почна, а, а?

Кога Бил О' Рајли го интервјуираше Трамп и притоа го нарече рускиот претседател убиец, Трамп не се побуни нешто посебно, само реплицираше дека има доста убијци и во Америка. Кремљ подоцна бараше извинуваше од Фокс заради навредата; ако Трамп се согласеше, Кремљ ќе бараше извинување и од Белата куќа.

„ Во едно обично општество, кога некој е наречен убиец, тој или ќе го негира тоа или ќе ја признае вината. Русија во 21-от век реши да оди по трет пат: јавно да бидеш горд на некој криминал и истовремено да тврдиш дека немаш врска со него. Тоа е стара тактика на разузнавачи и шпиони, чуѓе кои живеат и делуваат во сенка“, пишува за Њујорк Тајмс рускиот новинар Олег Кашин кој во 2010 година и самиот беше мета на брутален напад од кој едвај извлече жива глава.

Го наведува случајот со обидот за убиство на Анатолиј Чубаис во 22005 година, човекот кој го водеше електричниот монопол во земјата и важеше за главен реформатор во руската влада. Истражните постапки водеа до Владимир Квачков, пензиониран полковник разузнавач кој подоцна стана гласен националист. Колата со која се проба да се убие Чубаис припаѓала на сопругата на Квачков а  имало и други сериозни индиции дека тој го организирал атентатот. 

Судот го ослободува но случајот не е толку интересен заради доказната постапка туку заради ставот на Квачков за време на судскиот процес.

Од една страна тој го негирал своето учество во злосторот, а од друга, надолго и нашироко објаснувал како Чубаис е непријател на државата и заслужувал да биде убиен. А и неговите крајно десничарски фанови се држеа до два контрадикторни аргументи: „Квачков не пукал, значи не е виновен“ и „ Да пукал, ќе беше во право што пукал“.

„Првиот аргумент го спаси од затвор, вториот го претвори во лидер на радикалното националистичко движење“, пишува Кашин.

 

3 март 2017 - 10:03