Беркли, Калифорнија влезе во вестите во 2019 година кога донесе уредба со која се забранува употреба на природен гас во новите згради. Логиката зад овој потег беше еколошка, со намера да се намалат емисиите на стакленички гасови, а плинот учествува со 27% од таквите емисии во градот.
Американската апелација деновиве ја укина таквата уредба, што е голема победа за Асоцијацијата на кафанџии кои застанаа да го бранат плинот кој им е позгоден и за брзо загревање и за подобра контрола на температурата.
После Беркли, слични забрани беа воведени и во големи урбани центри како Њујорк, Сан Франциско и Сиетл, како и во помали заедници како што е Бруклин во Масачусетс. Но, после ваквата одлука на Апелациониот суд, и тие забрани стануваат ранливи на тужби.
„Плинските шпорети да ти биле штетни како пасивното пушење“, известивме пред некое време за заклучоците од една европска студија на таа тема. Сега Американци направиле студија за истото прашање и тврдат дека со плинските шпорети сè е во ред. „Поважно е што готвиш,“ потсетуваат вториве, пишавме во статијата „Последно за плинските решоа: Ок се.“