Изминатава деценија членките на ЕУ имаат заработено десетици милијарди евра од директна продажба на траен престој, а во некои случаи и државјанства, на супер-богатите, и сето она што следува со овој пакет.
Од 28-те членки на ЕУ (од март 27), 20 држави продаваат дозвола за траен престој по цена која се движи од 250.000 евра инвестирани во недвижности во Грција, до 2,3 милиони евра за британски документи. Три држави - Бугарија, Кипар и Малта - продаваат комплет државјанство.
Ваквата распродажба почна сериозно да им боде очи на бирократите во Брисел кои во неа гледаат „загрозување на основните принципи на државјанство и имиграција“, па по нивен притисок или по сопствено убедување неколку ЕУ членки почнаа да ја ревидираат сопствената програма за продажба на државјанства.
Поддржувачите на праксата на „златните визи“ (обично компаниите кои ги средуваат документите за истите) инсистираат дека најголемиот дел од случаите се легитимни, и дека барателите се луѓе кои доаѓаат од исти причини како и сиромашните примероци на бегалци: избегнување на политичка нестабилност и потрага по поквалитетен живот. Згора на се заради цената оваа програма не е ни приближно обемна како брановите бегалци кои ја заплискаа Европа во изминативе години.
Најголемиот дел од овие документи се доделени на граѓани на Кина и Русија (по тој редослед). Кинезите се најбројни по добиени документи во Британија, Грција, Унгарија, Ирска, Португалија и Шпанија, а Русите најмногу имаат извадено документи од Бугарија и Латвија.
Пред некој ден ЕУ го објави нај-ЕУ начинот за решавање на проблемот - ќе формира панел, кој треба да најде начин за подобрување на програмите за миграција и развивање заеднички безбедносни проверки до крајот на годината.