Кога во август годинава комитетот на американскиот Сенат за разузнавање објави детален и сеопфатен извештај за тоа како Русија се мешала во изборите 2016 во корист на Трамп, Путин мина речиси најлесно од сите, а дебатата и вадењето очи пак беше меѓу демократската и републиканската страна на САД.
„Години по 2016, руското мешање во изборите продолжува да носи дивиденди за Москва вртејќи Американци против Американци,“ пишува за Атлантик професорот по политички науки од Свартмор колеџот, Доминик Тиерни.
Повторувајќи го веќе редовно цитираното ЦВ на Путин, Тиерни објаснува дека рускиот претседател со децении вежбал психолошка војна и дека тоа го учи од Штази. Кога живее и работи во Дрезден, Путин помага левичарски терористички групи да вршат напади на Западна Германија. За сето тоа време, како и останатите од КГБ и Путин е нетрпелив да ги дознае и совлада методите на Штази, кое во 1970-те и 1980-те работи на сузбивање на сè што било против режимот. А во тоа време многу од Источна Германија е против режимот.
Еден од методите што ги развива Штази е „Zersetzung“ или „распаѓање“ што се користи за сузбивање на бунт без отворено користење сила. Целта малку по малку да се дроби здравиот разум на членовите на движењето за тие да изгубат волја за давање отпор, или по зборовите од упатството на Штази:
„(Да се испровоцира) и (спроведе) внатрешен конфликт и противречење во рамките на непријателските сили што ќе го фрагментира, парализира, дезорганизира и изолира непријателот.“
Првиот чекор тука е идентификување на слабите точки на метата - здравје, семејство, пари - и потоа тие без престан да се напаѓаат. Ова подразбира и агенти на Штази да упаднат во станот на дисидентот и да му ги разместат сликите или да му го сменат времето на алармот. Или да и испратат секс играчка на сопругата на дисидентот или пак нему да му пуштат писмо од непозната жена која бара тој да и плаќа детски надомест. Или од докторот ќе се побара да даде лажна медицинска дијагноза, а шефот на работа на секој начин би требало да го запре напредувањето на дисидентот.
„Техниките се таргетирани, флексибилни и над се ефикасни.
Распаѓањето е направено за дисидентот да излуди. Непријателот на режимот ќе се најде себе си заглавен во кафкијански кошмар. Каде и да се сврти го следи некое зло, без разлика што не може да докаже дека него го избрале за тоа.
Кој би верувал дека владата тајно му краде крпи за садови? Некои мети доживуваат нервен слом а други се самоубиваат,“ пишува Тиерни.
Ставот на професорот е дека Путин истата оваа стратегија освен што ја користи по потреба, ја издигнува на сосема ново ниво, против цели држави. Само наместо источногермански професори или уметници, сега дисиденти се државите главно од Западот, кои стандардно не се наклонети кон планот на Путин за враќање на славата и моќта на Русија.
„Русија сака да ги ослабе своите странски непријатели од внатре, да ја парализира нивната способност да пружат отпор. Таа соработува со лепеза на сојузници, како олигарси и новинари, и користи разнолики алатки, вклучувајќи пропаганда и сајбер напади.
Москва почнува со лоцирање на најслабата точка на државата, без разлика дали тоа е етничка, религиозна или партиска поделеност.
Потоа Русија создава чувство на недоверба со цел да го уништи постојниот општествен договор. Па ако Штази упаѓала во станови сред ноќ за да го вклучи електричниот брич на дисидентот, само за да го извади од памет, Москва користи хакери и тролови за ширење теории на заговор и култивирање скептицизам кон власта.
Руското мешање во американските избори 2016 не е толку заради менување на резултатот, колку што е за да се измести здравиот разум на Америка - внесувајќи циничност околу системот, терајќи ги луѓето да ја преиспитуваат реалноста, и оставајќи ја Америка премногу онеспособена за да даде посериозен отпор,“ пишува Тиерни.