"Ама што правиме со пониско рангираните соработници? Со машиновозачите што ги управувале возовите кон концентрационите кампови? Со стражарите кои ги спречувале луѓето да избегаат на својот пат кон гасните комори? Со обичните луѓе кои не направиле ништо за да ги спречат масовните убиства," прашува Свен Келерхоф во текстот за Велт.
Според Френк Бајор од минхенскиот Институт за современа историја, се проценува дека 250.000 Германци, Австријци и "етнички Германци", учествувале и помагале во Холокаустот. На ова треба да се додаде не мал број на соработници од Литванија, Летонија, Украина, Бугарија и други.
Анализата на составот на овие 250.000 покажува дека "загрижувачки број од нив може да се квалификуваат како садисти, или ментално болни. Меѓутоа мнозинството се прилично нормални."
Бајор ја отфрла претпоставката дека однесувањето на мнозинството може да се објасни со трауми од Првата светска војна, како и тоа дека биле мотивирани од алчност, љубомора, секс или слични мотиви. Нешто што со тек на време исто така се покажа за неточно и дека соработниците учествувале под притисок од наредбите на претпоставените, бидејќи во најголемиот дел од случаите тие имале можност сами да се пријават да бидат дел од машинеријата зад Холокаустот.
Дополнително, на концентрационите кампови како Аушвиц, Белзец, Собибор, Треблинка отпаѓаат околу половина од 6-те милиони жртви на Холокаустот, додека остатокот се убиени, застрелани или прегладнети пред воопшто да стигнат до камповите, и тоа најчесто пред очите на обичните граѓани.
Бајор се повикува на цитат од 1933, на германскиот автор Себастиан Хафнер, кој зборува за тренинг камп за идни адвокати, објаснувајќи ја улогата на другарската солидарност, која "комплетно го елиминирала чувството на индивидуална одговорност, каде човек се однесува како и сите останати, и прави тоа што сите други го прават."
"На овој начин можат да се објасни многу, но не и целиот криминал на Холокаустот. Со својата отворена анти-семитска политика, нацистичкиот режим го забрани самото постоење на Евреите. Индивидуалната свест на најголемиот дел од луѓето беше исклучена. Тие знаеа дека се дел од машинерија на уништување, дури и оние кои ги пишуваа писмата во канцелариите на концентрационите кампови. Меѓутоа, перверзната реинтерпретација на изразот 'другарска солидарност' ги натера да сметаат дека е нивна должност да продолжат, да 'функционираат,'" пишува Келерхоф.