Како да ги убедите „идиотите“ да прејдат од ваша

Еден ден ќе се умориме објаснувајќи дека другата страна не (мора да) е глупа туку (можеби) има поинакво мислење. Но, изгледа ова не е тој ден.

„Ние имаме склоност нашите вредности да ги гледаме како универзални. Дека не постојат поинакви вредности освен нашите а луѓето кои не ги делат нив се заблудени или неморални. Но, за да ја разбереме целата слика, треба да признаеме дека другата страна има поинакви вредности и да се обидеме да ги разбереме за да ја сфатиме перспективата од која таа страна гледа на работите. И да ги употербиме тие вредности во политичка дебата".

Ова го вели професорот од Торонто Мат Феинберг кој со Роб Вилер од Стенфорд екстензивно студирале како либералите и конзервативците  - кои денес во САД се спротивставени повеќе од кога било - можат да убедат некого од другиот табор да ги погледне работите од нивна страна.

Главниот проблем е што во една политичка дискусија луѓето презентираат аргументи кои звучат убедливо, но, само во нивниот табор. Не и за спротивниот. Според овие автори, психолошката цака е токму во тоа, во расправија да се користат аргументи поставени од позиција на противникот.

Тие и искуствено ги провериле работите па на доброволци им рекле да напишат аргументирано писмо до спротивната страна на теми кои поларизираат: истополови бракови и сл. Само 8% од либералите успеале да состават аргументација која им звучи логично на конзервативците. Повеќето пишувале логично, но за својот поглед на светот, главно повикувајќи се на аргументи за фер и еднаквост. Но, поентата е што во светот на читателот, "фер и еднаквост" не звучат толку секси и повеќе асоцираат на сите оние фолиранти кои по разни основи цицаат пари од државата додека тие рмбаат како грешни ѓаволи.

На конзервативец треба да му се пристапи од негов аспект и да се користат вредностите кои ги почитува: лојалност, патриотизам, трудољубивост, семејство... На примерот на човековата околина и нејзината заштита, наместо да му зборувате за „штетата“ која се прави, попаметно е да се повикате на "чистотата" која тој ја цени. Па наместо слика од исечени дрва да му покажете шума полна со ѓубре.

Во нивната последна студија Феинберг и Вилер се занимаваат со тоа како на конзервативец да му се огади Трамп а на демократ Хилари. И велат дека е тоа можно доколку на конзервативец му претставувате аргументи за Трамп од позиција на патриотизам („Тој во многу наврати има демонстрирано нелојалност кон својата земја за да си ги заштити личните интереси“) а не од позиција на маргинализираните („Неговите неправични изјави создаваат клима за предрасуди“). Кај Хилари пак, повеќе би палело (меѓу демократите) нејзиното поврзување со Вол Стрит отколку истакнувањето на инцидентите како Бенгази.

***
Види и: „Другата страна не е глупа“