Како Британците зборуваа за брегзит

По брегзит, главното прашање на "остануваме" кампот беше - како се случи ова. Сега една масовна анализа на повеќе од 3 милиони британски твитови покажува дека ниту спасувањето на националниот здравствен систем, ниту суверенитетот на земјата, туку имиграцијата била главната тема која го натерала британскиот гласач да избере напуштање на Унијата.

Заклучокот е важен затоа што поборниците за напуштање на ЕУ, не сакајќи да бидат обележани како ксено и најразлични други видови на фоби, тврдеа дека брегзит многу повеќе се однесува на суверенитетот на земјата, отколку стравот од имиграцијата.

Втора по присутност тема во твитовите на околу 80 илјади анализирани британски твитерџии се законите и правдата, поточно британски судии и парламентарци да бидат одговорни за правдата и законите во Британија (а не некој таму во Брисел или Стразбур).

Анализата на овие 3 милиони твитови покажала дека:

- пред денот на референдумот, про-брегзит твитерџиите објавиле два пати повеќе твитови за границите и имиграцијата, отколку за суверенитетот, вработувањето, правниот систем или здравството.

- истиот ден, истата оваа група, објавила илјадници твитови повеќе за здравствениот систем отколку оние што беа за останување во ЕУ, делумно и заради тврдењата дека брегзит ќе донесе дополнителни 350 милиони фунти неделно во британското здравство. По завршување на референдумот, поддржувачите за останување во ЕУ далеку повеќе зборувале за здравството.

- про-брегзит кампот испратиле четири пати повеќе твитови на темата закони и правда, отколку нивните противници.

- во анализата се откриени само 753 твита од двете страни на тема Член 50, објавени пред референдумот. На 3-ти ноември кога Врховниот суд одлучи дека парламентот треба да се изјасни околу одлуката за брегзит, имало над 50.000 твитови.

- брегзит на Твитер бил "ехо комора, а не дебата", и само 7% од твитовите биле одговори на други корисници.

12 декември 2016 - 14:21