I Have a Copyright Dream

За време на прославата на 50-годишнината од историскиот "I Have a Dream" говор на Мартин Лутер Кинг закажана во Вашингтон за крајот од месецот, многу е веројатно да се случи целата манифестација да мине без самиот говор.

Заради спор околу авторските права речиси е невозможно да се најде комплетното оригинално видео од говорот на др. Кинг.

Целата приказна почнува неколку месеци по говорот од август 1963-та, кога Кинг поднесува неколку тужби за да спречи неавторизирана продажба на неговиот говор, со цел да ги контролира евентуалните приходи од него и истите да ги искористи за движењето за човекови права.

Во 1999-та, семејството на Кинг го тужи СиБиЕс, откако телевизијата направи документарец во кој "користи, без дозвола, делови од говорот на Кинг." Тогаш апелациониот суд ја отфрла првичната пресуда и решава дека говорот на Кинг не е "јавна публикација" и покрај големата публика и неговата последователна историска важност. Говорот наместо тоа беше квалификуван како "ограничена публикација," бидејќи "дистрибуцијата до новинарите, а не до јавноста, со цел овозможување на известување за овој настан, е само ограничена публикација."

Спорот меѓу двете страни заврши во 2000-та, со прилично компликувана правна ситуација според која СиБиЕс "го задржува правото да ја користи снимката од говорот" и да ја лиценцира на други, во замена за тајна сума донирана на Мартин Лутер Кинг Центарот за ненасилна социјална промена.

Во 2009-та, Еми Паблишинг постигна договор со наследниците на Кинг, според кој треба да се осигури дека говорот "добива иста заштита и исти права за компензирање како и другите авторски права." ЕМИ во 2011-та беше продаден на конзорциум управуван од Сони.

Како последица на ова гледањето на целиот говор на интернет (легално) нема да биде возможно се до 2038-ма, кога истекуваат сегашните авторски права.

Сега моменталната состојба е дека новинските организации можат да емитуваа само делови од говорот под политиката за "фер користење," само доколку тоа го оправдаат како дел од вест.

Луѓето од Fight for the Future во знак на протест во јануари на Денот на Мартин Лутер Кинг, го објавија на Вимео и на ЈуТјуб. Видеото инстантно беше симнато од Вимео. Од таму објаснуваат дека видеото е дел од американската историја и погрешно е истото да не им биде достапно на интернет на младите генерации.

21 август 2013 - 16:22