Помошта од 29-те најбогати земји на светот за 2016 достигнала сума од 142,6 милијарди долари, што е за 9% повеќе од 2015. И покрај растот на вкупната сума, бројките покажуваат дека помошта за најмалку развиените држави паднала за 3,9% во однос на 2015, а помошта за Африка е намалена за 0,5%.
"Помошта глобално можеби расте ама тоа маскира нешто многу поважно - дека растот на помошта не стига до најсиромашните луѓе на светот. Наместо тоа, останува во земјите донатори, што значи дека влијанието врз сиромаштијата и одржливоста на глобално ниво не е како што тоа го покажуваат бројките.
Ако помошта ја трошиме кај нас дома, тоа не е вистинска помош во смисла на влијание врз развојот. Помагањето на бегалците е апсолутно правилен потег, меѓутоа директниот бенефит од тоа за земјите во развој е далеку позанемарлив.
Треба да се испита дали е во ред ставањето на помошта за бегалците како хуманитарна помош - парите кои никогаш не стигаат до сиромашната земја во најдобар случај се сомнителни во однос на влијанието врз развојот и секако се обид вештачки да се надуе хуманитарниот придонес на земјата," објаснува директорката на УК Аид Нетворк, Ејми Дад.
Во постојната математика Германија ја премина Британија по хуманитарна помош и сега е на второ место зад САД. Сепак, 25% од вкупната сума што Германците ја водат како хуманитарна помош, отпаѓа на парите што тие ги имаат дадено за сместување на бегалците во Германија. Околу 10,8% од глобалниот буџет сега отпаѓаат на издржување на бегалците.
И покрај зголемувањето на вкупната помош, членките на ЕУ повторно не успеале да го остварат таргетот за хуманитарна помош што богатите земји го договорија уште во 1970-те.