Хуманитарна помош во гајби

Затоа што Кока-кола стига каде што ни Црвен крст, ни владини организации не можат да припарат, некои решија да ја искористат нејзината моќ и со помош на корпорацијата да воспостават синџир за снабдување со лекови, вода и храна, за луѓе кои не можат да го добијат тоа по редовен пат.

Идејата е на претприемачот Сајмон Бери, кој во 80-те е ангажиран како хуманитарен работник во селата низ Замбија. Во тоа време тој сфаќа дека дури и таму Кока-кола е сеприсутна и достапна.

Тогаш добива идеја дека некако треба моќта за дистрибуција на Кока-кола да се употреби за испорака на помош на некои од најзагрозените реони во светот. Идејата на Бери успева дури пред некој година, со поддршка од интернетот и Фејсбук. Тој заедно со Кока-кола започнува со тест програмата наречена ColaLife.

Главна цел е разнесување на медицинска помош во Замбија користејќи го празниот простор во гајбите со Кока-кола. За потребите на проектот се изработени и т.нр. AidPods, пластични триаголести кутии кои ги собира меѓу шишињата во гајбите. Секое пакетче содржи прибор за спречување дијареја, составен од: сапун, соли за рехидрација, цинк и чашка за мерење.

Иако до сега е пуштен само овој комплет, пакетчињата можат да се употребат и за пренесување храна, лекови, вода и слично.

29 март 2013 - 19:13