"Сепак неодамна објавените документи од кампањата на Хилари покажуваат дека Клинтонови се баш она од што нивните противници секогаш се плашеле: пресметливи, опортунисти, расипани и ти работат зад грб. Повторното освојување на јавната доверба ќе биде сериозна битка, а веројатно и невозможна, во ваква политичка клима," пишува Тина Уен, во текстот за "несекојдневно непопуларниот кандидат на демократите."
Во мејловите има од банални расправии околу микро-менаџментот на Челзи Клинтон во Клинтон фондацијата, и планови од 2008 за напаѓање на Обама за неговото користење кокаин во минатото, до експлицитни дебати околу тоа што следно треба да направи Хилари во однос на одредени политички ситуации, каде што преовладува пресметливоста на поранешниот државен секретар.
Мејлот кој веројатно најмногу и наштети на Хилари, беа извадоците од еден нејзин платен говор на Вол стрит, кои ги потврдија сомнежите на јавноста дека Клинтон има "јавни и приватни ставови" кога е во прашање носење на конечни одлуки. Клинтон во говор пред банка во 2013 се залага за "отворена трговија и отворени граници", што се постигнува со меѓународни трговски договори. И покрај ваквиот став таа во кампањата во повеќе наврати (и под притисок од успехот на Берни Сандерс), порача дека е против Транс-пацифичкото партнерство.
Уен објаснува дека како што е вообичаено со Клинтонови, околу нив секогаш постои впечаток за некое несоодветно однесување, ама никогаш нема очигледно прекршување на законите, меѓутоа и разбирливо е за луѓе што со децении се во политика да имаат минато на вакви постапки.
"Никој не сака да гледа како се прават колбаси. Во избори каде на огромни делови од електоратот му е преку глава од досегашната политика и се подготвени да се бунат против елитите, мејловите што протекоа од кампањата на Клинтон го претставуваат сето она што просечниот Американец го презира," пишува Уен, според која иако Хилари најверојатно ќе ги добие изборите, можноста за освојување на довербата на јавноста е трајно оштетена.