Прво падна Берлинскиот ѕид, па две години подоцна следуваше колапсот на Советскиот сојуз, од чии рушевини изникнаа илјадници километри нови граници, најчесто онаму каде што никогаш не постоеле. Една од овие е границата меѓу источните региони на Украина и југозападните региони на Русија, делот кој моментално е во сржта на мировните преговори за Донбас.
Доколку мировните преговори успеат, најверојатниот исход е дека Украина ќе му овозможи широка автономија на Донбас во рамки на својата територија, што ќе значи и измена на уставното уредување на земјата. Она што за сега не е познато е дали со договорот, автономниот регион ќе има право да стави вето на приклучувањето на Украина во ЕУ и посебно во НАТО „без разлика дали во парламентот или преку закана за ескалација на ситуацијата“.
Ваквото пророштво е далеку од готова работа. Неодамна министерот за надворешни на Украина изјави дека земјата никогаш нема да стане федерација (ова се однесува на автономијата на Донбас), ниту пак ќе застрани од својот пат кон Западот (ова се однесува на веројатноста некој да стави вето на тоа).
„Но бунтовниците можат да го добијат своето вето без Украина на хартија да стане федерација. А општ про-Западен курс може да се одржи и без земјата да сака да се приклучи кон НАТО - нешто што Финска го правеше за време на Студената војна (и имаше голема корист од тоа),“ пишува рускиот новинар Леонид Рагозин.
На терен, на Украинците од една страна им е смачено од војната, заради што и изгуби „про-воената“ партија на Порошенко, но и понатаму им е одбивна идејата за компромиси како автономија за Донбас.
Во исто време идејата за државна граница меѓу Русија и Украина и понатаму не е посебно популарна во земјата. На последната анкета околу 49% од Украинците изјавиле дека се уште веруваат дека двете земји треба да имаат отворени граници без визи и царина (пред војната ова беше 70%).
До 1991 никогаш не ни постои ниту физичка, ниту културна граница што ќе ја оддели Русија од Харков (вториот по големина руски град, основан од рускиот Цар Алексеј), Донецк или Луганск (основани од британски инженери кои работеле за руската империја).
„Наместо изразита граница, Украина секога постепено се претопувала во Русија како што се движиш од запад кон исток, со значително украинско влијание кои трае стотици километри во руска територија.
Токму затоа инсистирањето на ригидни и старомодни национални држави и од Русија и од Украина ги става луѓето со компликуван идентитет на места како Донбас и Крим во невозможна ситуација, додека политичарите во Москва, Киев и престолнините на Западот капитализираат на нивната мизерија.
Западните влади и политички коментатори имаат тенденција да ги минимизираат многу видливите проблеми со кои се соочуваат големи делови од украинската популација која има стабилни и силни врски со Русија, додека истовремено ги оддалечува со поттикнување на национализам,“ пишува Рагозин.
Неговата порака е дека народ ставен во ваква позиција речиси и да нема друг избор освен да се сврти „кон единствениот политички лидер чија реторика ги поддржува нивните лични искуства, а тој човек е рускиот претседател Владимир Путин“.
„Оваа политика на алиенација не му служи на никого освен на Путин, кој е најгротескното и најмоќно отелотворување на глобалниот наплив на агресивен нативизам, кој се протега од Болсонаро и Трамп во Америка, до Орбан и Качински во Европа. Во Русија како и на многу други места, овој нативизам примарно служи како димна завеса за политичката корупција.
Најгорката иронија е дека народот на Донбас и Крим се автентични унионисти, кои не се ниту назадни ниту нешто посебно анти-западни. Сè што тие сакаат е да не бидат одделени со нов Берлински ѕид од нивните блиски роднини во Русија.
Украинските русофони може да станат најзакоравените поддржувачи на европска интеграција, ако таа подразбира помалку градење нови ѕидови на Истокот, а повеќе демонстрација дека и Украина и Русија имаат место во обединета Европа, дури и ако тоа не е во блиска иднина,“ порачува Рагозин.