Сите кризи на ЕУ

Годината на евроскептикот

Годинава кулминацијата во ЕУ се случи на 23 јуни, кога британските гласачи одлучија дека сепак сакаат обидот за обединување на Европа да го пројдат на трибините. Не дека пред и после тоа Унијата не беше растурена со удари од сите страни.

Јануари

Првиот месец започна со проблемите што се влечеа од втората половина на 2015, а ЕУ и понатаму неспретно се обидуваше да се справи со илјадниците луѓе кои влегуваа преку Балканот. Унгарија влезе во годината со крената граница, а први што во 2016 ги затворија границите и поставија мрежа беа Австријците. Домино ефектот на затворање граници заврши со илјадници луѓе заробени во Грција.

Европската комисија ветува дека ќе започне борба против избегнување даноци од големите странски компании во ЕУ. Аферата Луксликс покажува како Луксембург, Ирска, Холандија и други, легално привлекувале странски корпорации со смешни даночни стапки.

Февруари

Унијата ги прави последните напори да ја задржи Британија во своите редови. На посебен самит на темата Камерон добива одредени отстапувања. Референдумот е закажан за јуни.

Март

Постигнат е договорот меѓу ЕУ и Турција според кој Турција ќе ги прими назад сите кои нелегално пребегнале од нејзина територија во Грција. За возврат Турција ќе добие пари од Унијата. Планот е прилично успешен ако се има предвид дека дневниот просек на бегалци е паднат од 1740 на 89.

Во Брисел исламисти убиваат 32 лица. Сите терористи во масакрот се муслимани од Белгија, Франција и Сирија.

Април

Холанѓаните на референдум одбиваат нивната влада да го потпише Договорот за асоцијација на Украина. Резултатот е победа за популистите кои референдумот го претвораат во тест за холандската влада и ЕУ.

Папата Франциско го посетува Лезбос. Под притисок од бегалците системот на солидарност во ЕУ доживува крах.

Мај

Австриската десница ги губи претседателските изборите, меѓутоа нивниот приговор е прифатен и има прегласување. Иако и на прегласувањето за претседател повторно губи, австриската Партија на слободата останува најсилна партија во земјата.

Министрите на ЕУ одобруваат нови милијарди евра помош за Грција, додека владата во Атина споро и неволно ги спроведува реформите. До крајот на годината се планира да се зборува за отпишување на долговите на Грција.

Јуни

Се случи брегзит, кој Фараж го објасни како "победа на нормалните и достоинствени луѓе. Победа над банките, концерните и политиката."

Камерон си замина, а Тереза Меј го доби мандатот да ја извади Британија од Унијата. Таа најави дека датумот за почеток на преговорите ќе го објави во март 2017.

Јули

НАТО на самитот во Варшава решава да испрати баталјони на источната граница на Европа кон Русија.

Тунижанец со камион влетува во толпа на шеталиште во Ница и убива 85 луѓе.

На Ердоган му се случува обид за пуч, што е почеток на чистката на политичките противници на турскиот претседател. ЕУ го критикува целиот процес, ама на Ердоган му е јасно дека тој им е неопходен за задржување на бегалците.

Август

Земјотрес во Италија, градот Аматриче е срамнет со земја, загинуваат 300 луѓе.

Септември

ЕУ се состанува во Братислава, за прв пат без Британија, и разговараат за брегзит. Се развива кавга по сите основи, за немање солидарност кон земјите со најмногу бегалци, за одбивањето на Унгарија да соработува со Унијата, и секако за буџетски проблеми меѓу северот и југот.

Октомври

Потпишан е трговски договор со Канада, кој сега треба да биде ратификуван од земјите членки во Унијата. Низ Европа се противат на овој договор, и посебно на ТТИП договорот со САД. Овој вториот најверојатно ќе биде укинат по доаѓањето на Трамп на власт во САД.

Ноември

Европскиот парламент бара официјално да се замрзнат преговорите со Турција заради прекршување на темелните вредности на ЕУ. Преговорите и онака беа речиси мртви последните 11 години. Министрите за надворешни работи не ја следат препораката на парламентарците, но најавуваат дека нема да бидат отворени нови поглавја од преговорите со Анкара. Функционери од Виена отворено порачуваат дека Турција никогаш нема да биде членка на ЕУ.

Декември

Првите луѓе на членките на ЕУ на самит успеваат да заклучат дека се немоќни во однос на Сирија. Темпото го диктираат Русија, Иран и Асад. ЕУ е немоќна кога се во прашање воени злосторства на режимот и на бунтовниците.

Терористички напад на божиќен панаѓур во Берлин. Загинуваат 12 луѓе. Извршителот е Тунижанец кој е убиен во престрелка со полицијата во Милано.

28 декември 2016 - 15:04