„Прејдена е црвената линија“, изјави еден германски парламентарец откако група активисти против климатските промени, упадна на аеродром во Берлин и го блокираше сообраќајот цели 90 минути во четвртокот.
И, додека претходно за слични дејствија можеа да сметаат и на некаква поддршка, овојпат се чини дека зелените целосно ја имаат загубено наклонетоста, дури и во земји кои имаат невообичаено добар слух за нивната кауза - каква што е Германија. Сите едногласно се оградија: и политичарите, и експертите, па дури и Партијата на зелените.
Но, зелените се чини и понатаму веруваат во хаосот што го создаваат. Видео-снимка објавена во четвртокот, каде се гледа како минуваат низ дупка во заштитната ограда на аеродромот, е пропратена со тврдењето дека „80% од луѓето не летаат со авион и дека 20% релативно богати се одговорни за сето загадување што е резултат на авиотранспортот“.
Од друга страна, само 11% од германското население никогаш не се превезувало со авион. Пред ковид-пандемијата, 20 милиони Германци редовно одеа на летување со авионски превоз, а во четвртокот од застојот беа погодени 4000 патници.
Заменик претседателот на Партијата на зелените истакна дека летањето со авион одамна не е привилегија, туку средство достапно за милиони работници. Министерот за сообраќај повика на одлучна државна реакција, а генералниот секретар на Либералите побара да се примени целосна државна сила.
Само што, активистите на апсењата гледаат како на особена чест и сметаат дека таквите непријатности се нужно трње на патот кон напуштање на фосилните горива.
Назад во реалноста: 86% од Германците сметаат дека нема простор за вакви екскурзии а германската министерка за внатрешни работи ги оцени дури како „контрапродуктивни“ во контекст на борбата против климатските промени.
„Доколку активистите беа сериозни и навистина спремни напорно да работат кон зачувување на планетата, нивната јавна активност ќе беше структуирана поинаку и поактивно ќе ги користеа и парламентарците избрани со зелен предзнак. Вака, испаѓа дека повеќе им значи самите да се најдат на насловните страници, а помалку да ја следат логиката зад ублажување на горливиот проблем“, пишува Катја Хојер за Д Пост.