Пред повеќе од две децении, ЕУ ја откри својата Лисабонска стратегија, која имаше за цел да го трансформира блокот во „најдинамична, конкурентна, одржлива економија базирана на знаење, целосна вработеност и зајакната економска и социјална кохезија“.
Јасно е колку тоа успеа. Едвај динамична а секако не конкурентна, ЕУ постојано заостанува зад другите супер-сили во речиси секоја клучна економска метрика.
Додека САД и Кина ја интензивираат својата трка за технолошка надмоќ во 21-от век, Европа останува да гледа од страна - заробена во економска стагнација, високи трошоци за енергија, политички пресврти и бирократска инерција.
И дополнителна паника поради заканата за увозни царини од Доналд Трамп.
„Но, дали ребалансот на европската економија, која во моментов има огромен трговски суфицит во однос на САД, навистина ќе биде толку лоша работа? Реалноста е дека растот на извозот не секогаш укажува на успешна економија“, пишува Томас Фази.
И долго време пред Трамп, САД беа незадоволни од меркантилистичката политика на ЕУ. Со други зборови, трговската војна одамна е на повидок. Фази верува дека тарифите на Трамп дури можат да се покажат и како благослов за ЕУ, ако го принудат блокот да се оддалечи од својот погрешен модел базиран на извоз, потиснување на домашната побарувачка и инвестиции во корист на побарувачката од странство.
На прв поглед, се члини дека ЕУ ја има разбрано пораката која им ја укажа и ревизијата на Марио Драги (види: На ЕУ ѝ треба дупло посилен Маршалов план, инаку пропаѓа).
Претседателката на Европската комисија неодамна претстави иницијатива „Компас за конкурентност“ кој треба да ја насочи европската економија во вистински правец.
Но, поблиска анализа на тој план покажува дека е тоа само микс од звучни зборови - вештачка интелигенција, напредни материјали, квантно компјутерство, биотехнологија, роботика.... Во суштина, Пауер поинт презентација маскирана како стратегија.
А и графички претставениот компас покажува во осум различни насоки одеднаш.
Фази смета дека дури и ако ЕУ успее да го прошири својот инвестициски капацитет, како што е предвидено со Компасот за конкурентност, тоа само ќе создаде повеќе проблеми отколку што решава. Наместо да се занимава со структурните прашања на ЕУ, таквиот потег само дополнително ќе ги зајакне нејзините наднационални институции, особено Комисијата, продлабочувајќи го технократското и недемократско владеење на блокот.
********
Види и:
Брисел ја води Европа во небитност
Нови бајки за европската конкурентност
Европската унија е пред перестројка