Поголемиот дел од изминатата година, врвниот европски технократ Марио Драги работeше на домашна задача зададена од старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, да изготви фундаментален извештај кој ќе служи како ГПС навигација за политиките на ЕК во наредниот период.
Суштината на тој извештај кој беше одложуван за да не влијае на изборите што се случија во меѓувреме, го сумиравме во насловот:
На Изабела Каминска, уредник за финансии во Политико, извештајот за конкурентност кој содржи 170 препораки на 400 страници е рамен на она што беше перестројката за Советскиот сојуз и Њу Дилот за Америка во 30-тите години на минатиот век.
Драги е Италијанецот кој во 2012 година го спаси еврото од крах како прв човек на Европската централна банка и тоа со пристап „ што се мора, не е тешко.“ Таков е и сега со овој извештај кој го работеше во тајност, без никакви консултации со НВО експерти, тинк-тенкови и јавни дебати.
Условите сега се поинакви од оние во 2012 година, финансиските пазари стануваат подготвени да размислуваат за нов мултиполарен поредок.
Потребата за реструктуирање со која се соочува Европа не е „фино штимање“ туку темелна операција. Денес, ЕУ се соочува со реалност за која никогаш не била подготвена - енергијата веќе не е евтина, безбедноста веќе не може да се гарантира а единствениот начин да се заштити од кинеската конкуренција можеби е да стане повеќе како Кина, значи повеќе интервенционистичка.
За да се одржи конкурентноста, енергетски најинтензивните индустрии во Европа или ќе мора целосно да се затворат или да се преселат во области опслужени од релативно поевтини извори на енергија. Аналитичарите посочуваат на север, кој има хидроенергијата, или на југ, каде што има изобилство сончева енергија - па дури и Франција, за да се искористат предностите на нуклеарната енергија на земјата.
„Каде тоа ја остава Германија, никој не може да биде сигурен“, пишува Каминска.
Ако му веруваат на Драги дека без дополнителни инвестиции од 800 милијарди евра годишно ЕУ ќе потоне во небитност, чаушите на Унијата ќе треба да смислат од каде ќе ги најдат тие околу 5% од БДП кои им ги бара Италијанецот.