Нова студија спроведена од Детската болница во Филаделфија укажува дека новата стратегија - ако семејствата рано воведат јаткасти плодови во исхраната на бебињата, би имало десетици илјади помалку дијагнози на алергија на кикирики низ САД. Студијата била направена со споредбена анализа на податоци од електронските здравствени картони на повеќе од 120.000 деца во текот на повеќе години, сè до 2020 година.
Здравствените експерти во минатото сугерираа дека мајките со семејни предиспозиции за развој на алергии треба да избегнуваат консумирање кикирики за време на бременост и доењето, а на децата до возраст од 3 години да не им даваат производи што содржат кикирики и други вообичаени алергени за да ги заштитат од алергии. Таквата стратегија не дала резултати.
Во 2008 година, научници забележале дека еврејските деца во Британија имаат 10 пати поголема веројатност да имаат алергии на кикирики во споредба со нивните врсници во Израел, и покрај тоа што имаат слична генетска основа. Било откриено дека разликата ја правела популарната закуска со вкус на кикирики „Бамба“, која децата во Израел ја јадат од рана возраст. Ова ги поттикнало научниците да истражат нов пристап, спротивен на дотогашниот – рано воведување на кикирики во исхраната на бебиња на возраст од 4 до 11 месеци. Се покажало дека новиот пристап може да го намали ризикот од развој на алергија на кикирики дури и за 80%.
Како одговор, Националниот институт за алергии и заразни болести во 2017 година објави ажурирани упатства, препорачувајќи им на родителите да ги запознаат своите деца со производи од кикирики уште на возраст од 4 до 6 месеци. Во годините потоа, алергиите на кикирики се намалиле за 43% кај децата во САД под 3 години, додека вкупниот број алергии на храна се намалил за 36%, според студијата објавена во „Педијатрија“ пред една недела.

Се проценува дека новиот пристап спречил алергии на храна кај 60.000 деца, а на кикирики кај 40.000 деца. Сепак, околу 8% од сите деца сè уште се алергични на храна. Една од можните причини зошто тој процент е висок може да биде податокот што малцинство од педијатрите, само 29%, ги следат ажурираните упатства од 2017 година.
Научните докази се сведуваат на разликите на реакциите на имунолошкиот систем во цревата и во кожата. Цревата трпат инертна прашина, протеини, јаглехидрати и други супстанции во храната секој ден, па и милијарди бактерии. Имунолошкиот систем во кожата, како гранична површина, реагира поагресивно на потенцијални натрапници. Ако детето има сува и воспалена кожа, таа станува фактор на ризик за развој на алергии на храна.
Ако имунолошкиот систем првпат преку кожата препознае алерген на храна, многу е поголема веројатноста да го протолкува тој алерген како опасен. Ако алергенот во рана возраст се воведе преку цревата, тие се потолерантни и системот полесно учи како да реагира, објаснува Дејвид Хил, алерголог во Детската болница во Филаделфија и автор на студијата.
Тоа не значи дека децата треба да се прехрануваат со кикирики, туку со мали количества, за да им се привикне организмот. Алергологот Станислав Габришевски препорачува разредување путер од кикирики со вода или мајчино млеко приближно три пати неделно.
Огромното мнозинство деца ќе можат да толерираат кикирики кога ќе се воведат рано. Ако во некои случаи детето реагира, првите реакции не се многу сериозни, нагласува Габришевски, еден од авторите на студијата.