Идејата зад вештачката планина (буквално планина, не уште една зграда) е дека таа ќе помогне во зголемување на врнежите. За ова претставници на Емиратите го контактираат американскиот Национален центар за атмосферски истражувања, кои ќе треба да дадат мислење дали проектот е изводлив или не.
Теоретски планината би требало да придонесе за зголемување на површината под облаци, што за возврат би требало да доведе до повеќе дождови. Сето ова е дел од проектот за гео-инженеринг на Обединетите Арапски Емирати.
Во 2015-та во Емиратите беа изведени 186 акции за создавање облаци кои вкупно чинеа 558 илјади евра. До сега програмата се смета за успех, бидејќи овој март се забележани рекордни врнежи од дожд кои доведоа и до поплави во одредени делови од земјата.
Досегашните акции се сведуваат на исфрлање на неколку хемиски елементи врз облаците со што се зголемува количината дожд од нив. Изградбата на планината иако претставува далеку потрајно решение, според претходните проценки на темава во други држави тоа е и илјадници пати поскапо решение чија цена се движи некаде околу "стотици милијарди долари."
Иако никој моментално нема ни најосновна претстава како ова би се извело, најблизок пример на ова е кинескиот проект во кој буквално беа придвижувани планини за да се изградат градови. Резултатите беа катастрофални по околината.