Цел свет разбра за суровоста на австралиската политика

Новинар на Дојче веле пишува дека австралиските политичари предолго ја користат непопустливоста на граничната политика за да ги придобијат гласачите кои - иако е тоа нација на мигранти - се станати горди на затвореноста на земјата. Самиот тој не може да си ја посети фамилијата во Австралија веќе две години.

Доаѓањето на невакцинираниот Новак Ѓоковиќ многу Австралијанци го доживеаја како навреда за нивното спартанско почитување на ригорозните мерки во врска со ковидот: луѓето од Мелбурн со месеци беа затворени и масовно вакцинирани, дури и кога имаа дилеми околу тоа.

„Австралиската политика долго време собира политички капитал од бруталноста на граничниот режим“, пишува Алистер Волш, новинар на Дојче веле од Австралија.

Илјадници луѓе чмаат во притворските центри и сите тие се жртви на суровоста на границата. Ваквата опседнатост со граничната контрола се чини неспоива со класичната нација на мигранти, но тоа е длабоко вкоренето во австралиската култура.

Оттука, не чуди што првата инстинктивна реакција на пандемијата беше: затворете ги границите! Без обзир кон луѓето кои тоа ги погодува. 

Тоа функционираше долго време. Земјата успеа да спречи ширење на короната импресивно долго време и таа стратегија стана популарна а Австралијанците потајно станаа горди на својата затвореност, пишува Волш кој две години не може да го посети своето семејство бидејќи западна Австралија останува затворена.

Државјаните на Австралија кои патуваат по светот можеа да се вратат дома дури откако ќе платат десетина илјади долари а мигрантите не можеа да отидат да ги посетат своите болни роднини бидејќи потоа не би можеле да се вратат во својот нов дом. На тоа се гледаше како на неизбежна колатерална штета и доказ дека мерките функционираат.

„Отсекогаш знаев дека австралиската гранична политика е нехумана. Сега тоа така го доживува и целиот свет. Тоа што Австралија лесно се откажуваше од своите граѓани и ладно раздвојуваше семејства, за мене беше незамисливо .

Ако на Ѓоковиќ му дозволат да влезе: одлично за него! Но, неговата бизарна ситуација го направи австралискиот кафкијански граничен режим видлив за целиот свет. Австралија мора да го искористи моментот за да ја преиспита својата политика и да го стави доброто на народот пред евтините политички поени“, пишува новинарот на Дојче Веле.

10 јануари 2022 - 11:37