Адвокат од САД пишува книга на тема Шерлок Холмс и Доктор Вoтсон, и за тоа не планира да плати никаков надомест за лиценцирање, бидејќи на двајцата ликови им е истечена заштитата на авторските права. Од друга страна, фондацијата Артур Конан Дојл бара да ѝ бидат исплатени пари затоа што ликот се уште е заштитен.
Збрката е во тоа што првата книга за Холмс е објавена во 1887-ма, а последната во 1927-ма. Во САД законот предвидува дека сите книги објавени пред 1923-та влегуваат во јавен домен. Сега двете страни се повикуваат на две различни години.
Откако адвокатот и автор Лесли Клингер поднесе тужба за да му се дозволи бесплатно да ги користи ликовите затоа што рокот е истечен, од фондацијата составија контра аргумент - ликовите на Холмс и Вотсон се развиваат до последната книга.
"Фактот дека Сер Артур продолжил со создавањето на ликовите во книгата 'Десет приказни' за кои уште важат авторските права, додава значителен аспект на минатото на секој лик, создава нова историја околу динамиката на нивната врска, го менува погледот на Холмс на светот, и му дава нови вештини. А сер Артур го прави ова на нелинеарен начин. Тужителот тврди дека Холмс и Вoтсон можат да бидат разделени во делумни верзии на самите себе. Меѓутоа комплексните литературни ликови не можат ништо повеќе да бидат расплетени без да се распаднат, отколку што тоа може да му се направи на човечки карактер," стои во одбраната на Фондацијата.
2022-та е рокот до кој сите книги за Шерлок ќе влезат во јавен домен во САД. Во Британија веќе нема вакви проблеми бидејќи таму авторските права важат до 70 години по смртта на авторот. Артур Конан Дојл почина 1930-та.