900 милијарди долари вредниот "Пат на свилата" на Кси Џинпинг

За едни новиот Пат на свилата е кинескиот план за создавање нова империја, за кинескиот претседател ова е планот кој ќе доведе до ново "златно доба" на глобализацијата.

Идејата е Кина да ја стимулира трговијата и економскиот раст преку масовна изградба на инфраструктура низ четири континенти на светот. Кина секоја година во проектот би инвестирала по 150 милијарди долари, а според проценките крајната сума би изнесувала 900 милијарди долари.

Планот вклучува од нафтовод и пристаниште во Пакистан, до мостови во Бангладеш и железница во Русија. Од историска гледна точка ова би бил далеку поголем проект од Маршаловиот план што САД го спроведоа по Втората светска војна и треба да опфаќа околу 65% од светското население.

Патиштата и копнената инфраструктура е само една половина од планот, втората половина е изградба на поморска инфраструктура и нови морски трговски рути, што треба да го поврзат јужниот брег на Кина со Источна Африка и Медитеранот.

На 2-дневниот самит на највисоко ниво со гости како Путин и Ердоган, и уште 27 лидери на држави, кинескиот претседател во претставувањето на "проектот на столетието" ја спореди својата земја со мирољубив истражувач кој сака да го трансформира светот со трговија наместо со војна.

Во својот 45-минутен говор, првиот човек на Комунистичката партија вети дека тој комплетно ќе застане зад глобалниот градежен потфат што тргне од Азија и ќе се протега преку Европа и Африка, па до Америките.

Премиерот на Етиопија го поздрави проектот, фалејќи ја Кина како "успешен економски модел", а британскиот министер за економија планот го нарече "храбар и визионерски проект" (ќе се протега низ 65 држави). Најголемата пофалба дојде од премиерот на Пакистан, Наваз Шариф, кој дојде "да понуди најдлабока почит за епохалната иницијатива на Кси".

Наспроти пофалбите првите критики дојдоа од Индија, каде властите веруваат дека планот не е ништо повеќе од "колонизаторски потфат што зад себе ќе остави задолжени и распаднати заедници."

Според други, Пекинг го користи проектот за да ја зголеми својата геополитичка моќ и да привлече "што е можно повеќе послаби нации во својата орбита".

 

15 мај 2017 - 12:50