На забелешките околу безбедноста на српскиот амбасадор, Мирослав Сапалајковиќ, Луј Барту гордо порачува дека нема зошто луѓето да се грижат за кралот, изјавувајќи "ќе има ли вашиот суверен подобар чувар од мене!" Забелешката на амбасадорот била заради одлуката југословенскиот крал наместо со претходно договорениот затворен и блиндиран автомобил, да биде пренесуван во отворен автомобил, како и менувањето на составот на поворката.
Измената наводно била направена по барање на министерот Барту, кој седел лево од кралот на задното седиште од автомобилот. Генералот Жорж бил на совозачкото седиште.
Богојевиќ во својата книга објаснува дека ваквиот избор на автомобил бил комплетно неприфатлив за превоз на лица од овој ранг во така несигурно време (кралот претходно има преживеано три неуспешни атентати). Тој заклучува и дека ниту едно од наведените правила и препораки за безбедност не се спроведени, а безбедноста на Александар уште од почеток била загрозена.
Освен Барту, свој удел во пропустите околу обезбедувањето на кралот има и градоначалникот на Марсеј кој не дозволува во поворката да учествуваат и мотори, затоа што нивното присуство "би предизвикало протест на целокупното население на Марсеј, бидејќи е мерка од недемократски карактер." Ваквата демократска чувствителност на градоначалникот се должи на тоа што во Марсеј за неполна година се одржуваат локални избори, па тој не сака да ги вознемирува граѓаните. (Чисто историски, градоначалникот ги губи изборите.)
Она што се смета за главен пропуст е поставеноста на полицискиот кордон, кој прво е свртен кон поворката, а не кон народот, и второ е толку редок што полицајците се на десетина метри еден од друг, а цивилите непречено минуваат преку улица. Како што улиците на одредени позиции се стеснуваат, така и масата е се поблиску до колоната, на одредени места оваа оддалеченост изнесува помалку од два метра.
На чело на колоната е коњички вод од Републиканската гарда. Зад коњаниците е автомобил со припадници на Националната безбедност. Во следниот автомобил се генералниот директор и главниот контролор за безбедност, а во третиот автомобил е кралот Александар во придружба на двајцата француски функционери. Покрај автомобилот на кралот, од двете страни, има по еден коњаник, на десната е потполковник од 141 алпски полк, а од левата е командантот на гардата. Ваквиот распоред само ја зголемува празнината создадена од раштрканиот полициски кордон, бидејќи оригиналниот план е на местото на коњаниците да има по тројца телохранители на мотор.
Во 16:20, само 20 минути откако трга колоната, која заради коњичката придружба се движи со едвај 10 км/ч, автомобилот на кралот стига до едно стеснување, и токму ова е местото на атентатот.
"Кога автомобилот на кралот пристигнува на скверот се слуша свирка каква што користат сообраќајци и полицајци. Еден човек излетува од толпата и на француски извикува 'Да живее кралот.' Се движи кон кралскиот автомобил носејќи букет цвеќе во десната рака. Никој не го сопира токму затоа што полицијата е оддалечена на толку големо растојание. Минува без проблем меѓу полицајците. Одеднаш го забрзува својот чекор, се качува на прагот од автомобилот, го фрла букетот цвеќе и вади автоматски пиштол маузер со рамка од десет куршуми. Два куршума испукува право во кралот, два во министерот, четири во генералот Жорж, а два во полицаецот Гали (кој се нафрлил да го сопре атентаторот).
Тој човек е атентаторот Черноземски," пишува Вељко Миладиновиќ во текстот на Недељник за книгата Атентат 1934.
Дури откако ги испукува сите куршуми, еден од коњичката придружба, потполковникот на алпскиот полк, успева да го скроти својот коњ и двапати да го расече Черноземски со сабја, кој во тоа време се обидува да го смени шаржерот на пиштолот. Во исто време почнуваат да пукаат и останатите од обезбедувањето, Черноземски е неколку пати погоден, а толпата се пушта кон него да го линчува. Тој во критична состојба е пренесен во полициска станица, каде умира без да изговори ниту збор. Кај него е најден чехословачки пасош на име Петрус Клеман (издаден од конзулатот во Загреб), еден маузер и еден валтер, две бомби, компас и 1.700 франци. Тој на десната рака има истетовирана мртовечка глава и две прекрстени коски, над кои пишува ВМРО.
Подоцна на кралот Александар му е констатирана смрт, Луј Барту ранет е пренесен во болница меѓутоа таму починува по неполни 2 часа, а генералот Жорж закрепнува по петмесечно лекување и живее се до 1951.
Богојевиќ во книгата забележува и дека автомобилот го носи кралот во општината, а не како што би било логично за кој и да е смртно ранет човек, во болницата.
"Секако со вакво решение кралот Александар немаше ни теоретска шанса да го преживее ранувањето. Во општината немаше дежурен лекар, ниту пак имаше медицинска опрема со која би пробале да го спасат животот на кралот.
Кога стигнаа во општината, докторите бараа од насобраниот народ кој беше дојден да го поздрави кралот. Така изгубија драгоцено време, па кога конечно пронајдоа доктор, тој можеше само да ја констатира смртта. Исто така се поставува едно логично прашање: зошто Французите или нашата делегација во конвојот не обезбедиле возило за итна помош со доктори и опрема. Согледувајќи ги сите пропусти во организацијата на обезбедувањето, сметам дека план за обезбедување не ни постоеше или беше толку лош што воопшто не се забележуваат конкретни потези за заштита на кралот," пишува Богоевиќ.
Пред Черноземски има неколку неуспешни атентати врз кралот Александар. Првиот е 1916 во Солун, потоа во 1921 на 28 јуни комунистите се обидуваат да го убијат во Белград по враќањето од изгласувањето на Видовденскиот устав (бомбата се удира од телефонските жици и не ја погодува метата), а во декември 1933 двајца припадници на усташкото движење се обидуваат да го убијат за време на неговата посета на Загреб.
Видео од атентатот: