Огромна историска отсечка покажува дека растот на нееднаквоста е всушност канон на западните општества а аномалија се ретките периоди кога постоела релативна еднаквост, но тоа се периоди на општи несреќи.
Тоа го покажува графиконот на италијанскиот економист Гвидо Алфани кој компилирал податоци од шест европски земји - Франција, Британија, Италија, Шпанија, Холандија и Белгија - во периодот меѓу 1.300 и 1.800 година и потоа ги комбинирал со податоците на францускиот економист Томас Пикети кој оваа тема ја има дижестирано за периодот од 1.800 година до денес.
Графиконот го покажува процентот кој го поседувале топ 10% најбогати во Европа во последниве 700 години:
Графиконот обелоденува дека најбогатите постојано станувале уште побогати од 1500 година (кога поседувале 50% од вкупното богатство) до 1914 година (кога в раце имале 90%). Тоа се речиси 400 години НЕПРЕКИНАТ раст на нееднаквоста.
Во приказот постојат само два временски периоди кога богатите малку потклекнале па нееднаквоста се намалила. Првиот е периодот на Црната чума (1347-1351), најстрашната епидемија која го има зафатено континентот, кога европската топ 10-ка спаднала на меѓу 15 и 20% од вкупното богатство. Од оваа беља се закрепнале доста бавно па на нивото кое го држеле пред епидемијата успеваат да се вратат дури во 17-от век.
Вториот, далеку поостар пад на нееднаквоста се случува меѓу 1914 и 1950 година, време на регионални и две светски војни во кои гинат десетици милиони луѓе а стотина градови биваат уништени.
Овој графикон покажува дека денешната растечка нееднаквост всушност треба дополнително да загрижува, Бидејќи сугерира дека има нешто длабоко во структурата на западните економии и општества што постојано го зголемува јазот.
Технолошкиот развој, иновациите, јакнењето на човековите права и социјалните механизми, синдикалните успеси и родовата еднаквост, велфер државите и другите звучни придобивки... ништо од тоа не помогнало да се компензира базичната карактеристика на западните општества: богатите да ги прави уште побогати а другите да имаат сè помалку од вкупниот колач.
Сознанието за нееднаквоста некогаш доведуваше до тектонски промени каква што беше Октомвриската револуција. Во други случаи, темата на нееднаквоста ги покренувала богатите да ги спречат намерите за редистрибуција на богатството, какво што беше соборувањето на Аљенде во Чиле извршено од војската со помош на ЦИА.
Денес на повидок нема „устајте презрени и гладни“. И победата на Трамп во САД и растежот на крајната десница во Европа се повеќе мотивирани од други прашања (мигранти, културолошки промени), отколку од нееднаквоста како таква.
Дента кога говната ќе почнат да вредат пари, сиромашните ќе почнат да се раѓаат без шупак.
Габриел Гарсија Маркез