Лицемерието на самоназначените заштитници на културата оваа недела (кога Маск го купува Твитер) беше нешто што го одзема здивот. Се чини дека тие навистина не сфаќаат дека она што го бараат со години не е крај на злоупотребата на говорот, туку монопол врз него.
Тие во Маск гледаат предавник на својата класа кој им се заканува дека ќе го поремети она што тие го доживуваат како природен поредок воспоставен последниве години, поредок во кој тие имаат заслужена улога на авангарда и арбитри на вистината. Дали Маск навистина ќе поремети нешто е друго прашање, но тие се сигурни дека ќе биде така и затоа паничат. Со светителски тонови, тие посегнуваат дури и по оние „кој ќе ни ги заштити децата?“ запомагања.
Добар дел од последните четири години потрошив предупредувајќи дека барањата милијардери уште повеќе да се мешаат во јавниот говор, ќе резултира токму со ваква некоја пресвртна епизода, кога надмените цензорски одреди на политичкиот мејнстрим еден ден ќе се разбудат и ќе видат погрешен тајкун зад командниот пулт, па одеднаш ќе им текне да завиваат и плачат околу злото на олигархијата.
Бидејќи не навивав за нивната визија за „просветлена цензура“, колегите ме осудија како реакционерен перверт, веројатно вработен од (избери еден) Трамп/Асад/Путин. Затоа, оваа недела е тешко да се прави нешто друго освен да се смееме на нивната болка.
Работи кои до пред само десет години либералите жестоко ќе ги осудуваа како десничарски етикетирања и жигосувања, одеднаш ѝ беа дозволени на Хилари Клинтон кога нејзината противничка Тулси Габарт ја нарече „руски капитал“ или на Гардијан кој Рики Џервејс и Дејв Шапел ги етикетираше како шовинисти.
Уште во 2017 година, почнаа политичките притисоци врз главните директори на компании како Фејсбук, Гугл и Твитер дека не прават доволно за да го сопрат „руското влијание“, со што секако мислеа на изборната победа на Трамп во 2016 година. Сенатори како демократот од Вирџинија, Марк Ворнер, јасно ставија до знаење дека ако платформите не почнат повеќе да цензурираат, тие ќе бидат оданочени и регулирани на брутално нови начини.
Брзо по „карањето“, компании како Гугл примерно и совесно ги воведоа нивните алгоритми за борба против „лажните вести“ за кои се испостави дека имаат многу добредојден ефект на намалување на интернет сообраќајот на оние веб страниците кои ги критикуваат центристичките демократи. Тоа не беа само конзервативни сајтови, туку и традиционално либерални, па дури и социјалистички медиуми како Common Dreams, Truthout, AlterNet и World Socialist Website.
Се разбира, никој од факт-чекерските воини кои сега кукаат од Маск, тогаш немаа ништо против ова, бидејќи според нив, и левичарските критичари на Демократите можеби се руски агенти.
Морони, уживајте во возењето по ролеркостерот. Вие го имате изградено.