Последните настани во Украина уште еднаш ја илустрираат класичната теза на Барбара Тухман во нејзиното дело „Маршот на глупоста“ - интелигенти влади често дејствуваат глупаво и спротивно на нивниот најдобар интерес: во случајов илустрирано преку политиките на Вашингтон и Киев.
Нам овде ни е тешко да видиме подалеку од доминантниот наратив со кој сме опкружени: за западните добри намери со повремени грешки во спроведувањето, наспроти хорор менталните слики за рускиот претседател Путин. Второво е далеку од вистината, но е многу привлечно. Луѓето кои го создаваат и одржуваат нашиот ментален пејсаж се врвни професионалци во она што го работат. Тие ги моделираат нашите размислувања и емоции, преку зборови, моќни слики и мемиња. Интелигентни луѓе мразат да признаат дека потпаднале на таква пропаганда и често се лутат кога им се покажува дека е така.
Факт е дека во текот на годините Путин во многу говори го признаваше целосниот украински суверенитет после распадот на поранешниот Советски Сојуз во 1991 година, авторитарна држава во која украинските комунисти имаа главни лидерски улоги. Путин упорно бараше две работи од Украина. Прво, пристојни добрососедски односи засновани на меѓусебно почитување и взаемна безбедност, како меѓу САД и Канада. И второ, како и во Канада, почитувањето на целосните човекови права на бројните „Француски Канаѓани“ во Украина – 50% плус од Украинците кои споделуваат руски мајчин јазик и култура. Важно беше тоа да го вклучува правото на учество во формирањето на националните безбедносни политики и приоритети на Украина. Но, САД, најмалку од 2013 година, ги користат украинските нацисти, а има многу такви, како ударна сила на решителноста Украина да стане монокултурна, милитаризирана и трајно непријателска кон Русија.
Само затоа што ова го тврди Путин, не значи дека тоа не е вистина. Јас верувам дека е вистина.
Путин, Макрон и Шолц (како и Меркел пред него) последниве години и недели дадоа сè од себе да најдат излез од растечката конфронтираност, но на крајот не можеа да ја спречат будалестата решителност на Вашингтон и Киев да ја испровоцираат руската мечка. Путин со месеци го предупредуваше Запад да се повлече од милитаризацијата на Украина и да работи со Русија кон пошироко европско решение и да се сопре опасната експанзија на НАТО кон руските граници која трае од 1996 година.
Како и секогаш, Западот реши да пребира од реториката само она што му одговара, да избегнува решение, а најголемата грешка од сите беше испораката на моќно вооружување на лошо дисциплинираната и наци-инфицирана украинска армија. Искушението да се почне тоа да се користи беше неодоливо.
Од 17 февруари наваму гледавме решителен, многу заканувачки, но глупав обид на вооружените сили на Киев долж линијата на контакт, вклучувајќи го и озлогласениот баталјон Азов, да влезат во Донбас, под нос на 130.000 руски војници кои само чекаат наредба во соседна Русија. Украинската влада на претседателот Зеленски и неговите американски советници како Викторија Нуланд се убедија себеси дека Путин сега нема да се осмели да ја нападне Украина после сите западни предупредувања за одмазда и реперкусии.
До 18 февруари веќе беше јасно од ОБСЕ дека се случува остра ескалација и гранатирање на Донбас од Киев. Беа гранатирани предградијата на Доњецк. Упадот на командоси на украинските специјални сили во соседната провинција Ростов во Русија беше откриен и неутрализиран. Водачите на Донбас мудро наредија евакуација, да не се оставаат цивилни заложници во градовите со непосреден ризик од тепих-бомбардирање. Алепо во Сирија е свеж пример што можеше да се случи. Сега Русија даде зелено светло за независноста на Донбас, заштитен со руска воена моќ, исто како Крим.
Тоа сигурно не беше лесна одлука за Путин и неговиот Национален совет за безбедност, потикнувани од Думата да преземат нешто. Донбас ги нема бројните стратешки и економски предности на Крим. Реконструкцијата на овој регион ќе биде огромна и скапа, а дипломатските трошоци за Русија многу високи.
Но, Путин немаше алтернатива: на крајот, тој мораше да ги брани Русите во странство кои беа изложени на сериозен ризик, со реални закани по нивните животи, како што проценуваше и ОБСЕ и руското разузнавање.
Договорот од Минск сега е мртов. Овие чекори веќе изгледаат неповратни. Порано или подоцна можно е овие привремено независни држави да се спојат во Русија. Иронијата е што Франција и Германија, држави кои беа потписници на Минскиот договор, со години, односно од 2015 година, го повикуваа Киев да ги прифати федералните решенија предложени со истиот. Но тогаш, киевските националисти, тивко поддржани од НАТО, се откажаа од Минск, уверени дека на крајот можат да ја постигнат унитарна Украина што ја посакуваат со тоа што ќе се заборави Минскиот договор. Сега, иронично, Киев се залага во Советот за безбедност на ОН за враќање на Минск. Но, овој воз веќе замина и ја напушти станицата.
Последните случувања ќе имаат негативни последици и за Истокот и за Западот. Францускиот и германскиот суверенитет веднаш ќе претрпат. Тие ќе бидат вовлечени назад во хегемонијата на сојузот со САД. Овие две големи држави сега ќе бидат, иако неволно, поцврсто приковани за воените операции на НАТО предводени од САД. Сега е тешко да се види отворањето на гасоводот Северен Поток, што ќе биде голема економска и хуманитарна загуба за Европа. Ќе има поголем интензитет на санкции, што ќе им наштети на двете страни економски, и ќе има огромно назадување генерално. Новата Студена војна се зацврстува.
Како ќе реагираат Кина и неврзаниот свет? Ова се најважните прашања сега. Дали тие ќе можат да го проѕрат овој најнов англо-американски лажен наратив за неиспровоцирана руска агресија или пак ќе бидат измамени од западните информативни воини? Би сакал да мислам дека ќе се случи првото, но се плашам од заморната моќ на западниот лажен наратив. Верувам дека Кина, а потивко и Индија, ќе застанат покрај Русија. Другите - ќе видиме.
Ова не мораше да биде исход од кој сите губат. Канадско решение беше можно, доколку имаше мала добра волја од Киев: федерална украинска држава со вистински права на суверенитет за руските Украинци, вклучително и збор во креирањето на надворешната политика на Украина.
Путин очајно посакуваше ваков исход и чекаше колку што можеше подолго. Но, Вашингтон и Киев сакаа конфронтација и трајно непријателство на релација Исток-Запад, поттикнати од Викторија Нуланд и оние слични на неа. Украина ќе остане сиромашна, ненаселена, нелиберална и милитаризирана. Тоа е трагедија, но геноцид и етничко чистење на Русите од Донбас ќе беа неприфатливи за мнозинството Руси. Како што беше лично неприфатливо и за очигледно лутиот и вознемирен Путин. Овој исход нема да му донесе голема радост нему и на неговите клучни советници, но тоа беше исправна одлука.
Тони Кевин,
универзитетски професор и поранешен австралиски амбасадор во Полска и Камбоџа.