Американска дилема

Треба ли да ѝ се предадеме на Кина и веќе еднаш да завршиме со тоа?

Дали слушнавте за хиперсоничната ракета на Кина? Не сите слушнаа затоа што најголемиот дел од медиумскиот и политички интерес околу овој шок кој има потенцијал да натежне во корист на Кина, исчезна побрзо отколку што самата ракета може да лета.

Сето ова поставува сериозно и критички важно прашање: Како што оние во американските медиуми, влада, корпорации и ентертејмент платформи експоненционално ги креваат социјалната правда и рамноправноста како наши најголеми грижи, па дури и закани, дали кој било од нив ја гледа Народна република Кина како број 1 противник на Соединетите држави и нација која е опседната со глобална па и вселенска доминација?

А треба.

Иако има бројни нерамноправности во нашата држава кои мора да бидат коригирани, овие прашања не треба да ни го оттргнат вниманието од доминантната вистина: Кина е во бизнисот на победување и го прави тоа што е најдобро за нејзино долгорочно преживување. Тоа преживување, нејзиното раководство верува, зависи од тоа таа да се постави себе како водечка воена сила во светот.

Кинеското раководство смета дека има само една држава која и стои на патот кон таа цел: Соединетите држави.

На денешен ден, Кина верува дека таа расте со таква рапидна стапка - и доминира толку многу во сите можни области на копно, море, воздух, сајбер и вселена - што повеќе нема потреба да се стега себеси со префинетостите на дипломатскиот јазик или да се преправа дека ги маскира своите вистински намери.

Пред само 10 дена, претседателот Бајден погрешно ја пренесе американската политика во однос на Тајван. Кога беше запрашан од Си-ен-ен дали САД би го одбраниле Тајван во случај да биде нападнат од Кина, претседателот одговори „Да, имаме обврска.“

Упс. Следен чекор е ретерирањето од Белата куќа. Следното утро портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, мораше да ја „појаснува“ погрешната изјава на претседателот кажувајќи дека „Тој не објавил промена на политиката, ниту пак ја имаме сменето нашата политика. Ние сме водени од Законот за односи со Тајван“.

Ок, а што кажува тој закон од 1979? Во основа, кажува дека САД се обврзуваат да му обезбедат на Тајван оружје за своја одбрана во случај да биде нападнат од Кина. Вон ова, Тајван во основа е оставен сам.

По погрешната изјава на Бајден и коригирањето од неговиот персонал, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, не се ни малтретираше дипломатски да го ублажи својот одговор или да го скрие својот презир: „Околу прашањата поврзани со кинеската сувереност и територијален интегритет и други клучни интереси, нема простор за Кина да прави компромиси или отстапки, и никој не би требало да ја потцени силната одлучност, јаката волја и силните капацитети на кинескиот народ да го одбрани националниот суверенитет и територијален интегритет.“

Дали некој во нашата влада, војска или медиуми обрнува внимание? Дури и за оние со најкратко сеќавање, кинеската влада и воени портпароли само што зборуваа на најпрост и најнедвосмислен можен начин. Кина нема да прави ниту компромиси, ниту отстапки на кое било прашање поврзано со нејзиниот суверенитет, територија или клучни интереси.

Ова не е игра, и Народна република Кина не блефира.

Тие ги држат сите карти во моментот затоа што САД - и најголемиот дел од останатите Западни нации - доброволно и ги дадоа на Кина овие карти. Американските корпорации, технолошки компании, критички важни фармацевтски компании, холивудски студија, универзитети и големи спортски тимови сега редовно и срамно се понижуваат и цензурираат себе си пред кинеското раководство за да осигурат дека кинеските пари ќе продолжат да се влеваат во нивните компании и џебови.

Ова е пример не субмисивност и алчност која се одигрува на ист начин во голем број други држави низ светот.

Во моментов Кина е повеќе од волна да продолжи да ги потпишува чековите за моќта стабилно да превагува во нејзина корист. Меѓутоа, повторно, тие не блефираат и знаат дека треба да ја комплетираат својата воена доминација за да ја извојуваат конечната победа. Оттаму и неодамнешните тестови на хиперсонични проектили.

Што е па толку важна таа хиперсонична ракета? Три работи: Како што посочи ЦЕО-то на Рајтеон, САД со години доцнат зад Кина во оваа технологија. Второ, ракетата - која има капацитет да носи нуклеарна воена глава - може да лета на многу ниска висина и е толку манервибилна што станува речиси невозможно да се собори со кој било постоечки воен одбранбен систем. И тоа се вика „гејм чејнџер“ од епски размери.

Иако најголемиот дел од нашите медиуми и бројни наши политичари ги игнорираа овие вести во корист на теми кои или ќе бидат кликбејт или ќе доведат до ласкање од Твитер универзумот, за среќа еден човек крена црвено знаменце околу кинеското соопштение: Генералот Марк Милеј, првиот човек на американскиот генерал-штаб.

Овој Милеј во интервју со Блумберг изјави: „Тоа што го видовме беше многу значителен настан од тестирање на хиперсоничен систем. И тоа е многу загрижувачки. Не знам дали ова е баш Спутник момент, ама е многу блиску до него. Го има целото наше внимание.“

Браво, генерале.

Проблемот е што иако овој ракетен тест може го привлекол целото наше внимание, пошироките кинески воени, сајбер, финансиски и мерки за поткопување се речиси целосно игнорирани од оние со моќ да ги пријават нив, да ги прозват или да им се спротивстават.

Или ќе ја гледаме Народна република Кина како главен противник на Соединетите држави и нација опседната со глобална доминација - или нема. Ако да, во интерес на нашата национална безбедност и преживување, имаме обврска да се браниме себе си. Ако оние што се со моќ преферираат да биде како што сака Кина, тогаш зошто да не и ги предадеме клучевите од нашата држава и да завршиме веќе еднаш со ова?

Даглас Мекинон,
Хил

8 ноември 2021 - 10:28