Пишував неодамна („Кога свирачите на гајда држат час“) за тоа како деспотите и тираните, диктаторите и окупаторите - било надворешните или внатрешните - се разгневуваат и понижуваат кога неволните поданици не сакаат да им ја свират песната: кога ќе одбијат да пеат и свират по нивните ноти, и така ќе им го оспорат и онака кревкиот легитимитет, за кој се живо заинтересирани (затоа што самопрогласените се длабоко несигурни во себе, со колку и дивизии да располагаат) а кој не може да се наметне на сила. Или барем не кога на другата страна ќе наидат на отпорен и честит човечки материјал.
Иранскиве фудбалери дошле на светско првенство да играат фудбал за својата земја, а таа земја е Иран, и до тука е сè јасно, зар не? Е, ама изгледа дека тоа сепак не е каков било Иран и што било кое може да биде ословено со Иран, туку Иран во кој нивните браќа и сестри ќе се чувствуваат слободно и добро. Зошто, за кого тие воопшто би играле во дрес со националните бои ако не за своите браќа и сестри?
Не се ли самите тие таа Република, таа јавна и општа работа за која човек вреди да се бори, или Република се некоја секта од зли старци што мисли дека за небото и земјата ги знае сите тајни?
Ако таква слобода е невозможно да се оствари во рамки на она што се нарекува Исламска република Иран, ако таа станала, или отсекогаш била, средство и алатка за поробување и убивање, тогаш тие, фудбалерите, можат барем да не ја запеат химната долу на теренот, пред очите и ушите на целиот свет, и така да испратат нема, а гласна и јасна порака до сите кои имаат очи да видат и уши да чујат.
Тоа непеење на химната на поробувачот е најважен, и можеби единствен вистински настан во првите денови на овој катарски Мундијал, и ако иранските репрезентативци останат непоколебливи во својот чин на отпор и солидарност кон оние што без причина и без вина страдаат и трпат дома во татковината, тоа ќе остане најважниот настан на овој несреќен Катар, што и да се случува понатаму на фудбалските терени.
Вистинската катарска катарза.
А еден техерански функционер, велат медиумите, веќе бесно се заканил дека ако овие не сакаат да пеат, Исламската република ќе прати некои други, кои има да пеат и оро да играат. Дали тие други воопшто ќе знаат да играат фудбал, тоа изгледа и не е важно. Секоја тиранија повеќе ги сака подобните и послушните, кои повеќе и требаат одошто способните, помеѓу другото и затоа што способните имаат вродена склоност порано или подоцна да станат дрски и своеглави.
Ние, фала Богу, немаме такви проблеми, ниту со химната, ниту со нешто друго. Овие нашиве знаат и сакаат да пеат, а сакаат и да играат фудбал. Дали знаат? Да, во рамки на своите можности, кои не се за потценување, но не се ниту од шампионски калибар, што и нив и нас всушност нè поштедува од некаква можна претерана брука, некаква нелагодност, посраменост и пониженост што знаеја да ни ја приредат некои други, кои обично играат со малку поинакви топки.
Ни во деведесеттите, додека световите ни се рушеа пред очи, нашите играчи немаа проблем да отидат на поклон и да примат одличје од оној што постави најмногу динамит под тие наши светови. Не видоа ништо чудно или недолично во тоа. Такви се, изгледа, и нивните наследници на кои не им паѓа тешко да послужат како реклама за еден диктатор и окупатор на Републиката која би требало да ни припаѓа на сите.
А гледаме колку малку е потребно за чесен и достоинствен отпор, за несогласност, за речит акт на нема побуна која се бара за вистинска Република, таква што е за сите, а не само за послушните следбеници на било која и било чија догма.
Секако, ова „малку“ не е воопшто така малку ниту безазлено, затоа што тиранијата знае да се навреди и потем да се одмаздува, особено тогаш кога ќе се почувствува ранлива.
Со своето непеење, иранските фудбалери ризикуваа многу помалку одошто анонимните Иранци и Иранки дома, но и многу повеќе отколку, на пример, нашите балкански кремци, кои - тешко ми е да се присетам макар на еден исклучок - протераа низ овие триесет години сеопшт распад и сквернавењето на сè што е човечко, гледајќи в земја, играјќи со топки несвесно и надвор од секој контекст “како некои страшни деца“, што би рекла поетесата.
И пеејќи што ќе им се каже. „Кој пее, зло не мисли“, така? Да, но добро би било сепак нешто да мисли.