Сè што овие мали црни парчиња пластика можеа да прават е да комуницираат едни со други, да сликаат матни фотки и да отвораат пикселизирани веб-страни кои никој од нас не се ни трудеше да ги отвори. Нашето внимание беше читаво, отпорно. Интернетот, и неговите пипци од раните социјални мрежи останаа заклучени зад лаптоп екраните.
Како што 2010-те завршуваат се повеќе размислувам за ова доба, деценија која ќе биде запаметена по своите сеизмички политички промени: почнувајќи со првиот црн претседател, завршувајќи со поранешна реалити тв ѕвезда и измамник во Белата куќа. Сепак 2010-те не беа само деценијата на Трамп, тие исто така беа доминирани од почеток до крај, од едно единствено парче технологија кое ја распарчи надежта што ја носеше интернетот и ја корумпираше човековата интеракција. Смартфонот за 2010-те е она што цигарите беа за најголемиот дел од 20-от век, сеприсутно и разорувачко обележје на зајтгајстот.
До сега јасно ти е што сè смартфонот предизвика. Сепак, жив си. Веројатно и ова го читаш на смартфон. Има малку технологии што успеаа толку рапидно да проголтаат цели демографии, сите возрасти, секоја културолошка и општествена средина, урбана и рурална, богата и сиромашна. Кон крајот на 2000-те, ние дозволивме неколку корпорации да нè убедат дека оваа напредна, вонземјанска технологија - составена од де факто робовски труд во Азија - е клучна за човековото постоење. Ние желно го проголтавме ова, ставајќи го целиот наш живот зад мазното стакло. Скролањето нè навлече како дрога, снајперски активирајќи ги точните центри во нашиот мозок; одеднаш, нам никогаш повеќе не можеше да ни биде досадно, допингувани од бескрајните Фејсбук и Инстаграм фидови.
Кога од 20-от век го замислувавме 21-от век, во сликата обично немаше смартфон. Колонизирање на вселената, апокалиптична нуклеарна војна, и андроиди обично беа далеку полесни за замислување отколку концептот на човечки суштества волни со себе да носат супер-компјутери со софистицирани уреди за следење. Комуникаторот на Капетан Кирк не можеше да игра Кенди краш. Во неговиот 23 век немаше ни Амазони или Гугли кои жнеат податоци за рекламите да можат да ни продадат дека уште повеќе треба да се задолжуваме. Во тоа време следењето доаѓаше од владата. Денес, благодарејќи на смартфоните, нашите животи се следени како од јавните, така и приватните ентитети.
Масовното, заразно ширење на социјалните медиуми - а со тоа и многу корозивни и опасни дезинформации - се неодделни од смартфонот. Во некои држави самиот интернет е синоним за социјални мрежи. Пред доминацијата на смартфонот во 2010-те, интернетот се уште беше со мани, иако повремено ослободувачка, секундарна реалност, каде форумите и клиентите за чатување можеа да соберат истомисленици, писмените блогови можеа да започнат дебата, а новинските сајтови се уште не беа разрушени од фрагментацијата која следуваше. Тогаш, дури замислувањето на интернетот како дистопијски матрикс подразбираше дека има периоди кога си логиран и кога се одлогируваш. На сето тоа можеше да му избегаме со тоа што ќе излеземе надвор.
Како што 2010-те завршуваат, ние сме нервозни и анксиозни. Децата, израснати од родители зависни од смартфони, се натпреваруваат со сјајот на екранот, за малку внимание од нив. Кога ќе станат неподносливи, тие добиваат свој. Во кој било јавен простор - автобус, воз, чекална на доктор, па дури и библиотека - се соочуваш со големо мнозинство од човековата популација поробена од уредите кои не може да ги игнорира повеќе од една минута. Не беше вака пред една деценија, а не дека тогаш живеевме во некоја технолошка изгладнетост. Во иднина, за да се смират затвореници, можеби управниците на затворите едноставно ќе делат смартфони, а заканите од бунтови ќе бидат сосечени со Инстаграм сметки или пристап до Фортнајт.
Ако производителите на смартфони и на апликации никогаш не помислат за создавање на помалку зависна технологија - профитот секогаш го поразува моралот - тогаш на нас ќе остане одново да го присвоиме нашето време. Дали се гледаме еден друг во очи? Дали се обидуваме да разговараме? Дали избираме промислена консумација на информации - книга, есеј, научна статија - пред дигитални трошки? Дали ќе го повратиме сопственото внимание и ќе им посветиме внимание на нашите сакани? Дали ќе се бориме за нашата демократија?