"Ова е затоа што иако ги имаат сите обележја на демократија, руските избори претежно се театар, чии актери се сенките од краткиот експеримент на државата со компетитивна политика.
Теоретски изборите не треба да бидат досадни. На претходните, во 2011, го видовме подемот на најзначајните и најостри протести против корумпираниот систем на Владимир Путин во над 15 години негово владеење. Тогаш десетици илјади московјани излегоа на улиците за да протестираат против она што го сметаа за фалсификување на резултатите од гласањето: статистичката анализа покажа дека Обединета Русија, партијата на Путин, своето мнозинство го должи на масовно полнење кутии," пишува Бершидски.
Хронолошки, по ова некои работи почнуваат да се менуваат, па додека Медведев привремено го чува местото на Путин во Кремљ, се воведуваат неколку мерки за поголема транспарентност на гласањето - како видео стрим во живо од секое гласачко место, и давање поголеми ингеренции на набљудувачите. Меѓутоа во моментот кога Путин го започнува својот трет мандат, започнува и сериското изгласување закони во Думата, која добива прекар "печатач" заради брзината со која ги гласаше новите закони, од кои најголемиот дел на некој начин ја ограничуваа слободата на собирање и изразување.
"Во септември, оваа Дума ќе биде заменета со нова, и ако има некакво местење на гласовите, ќе биде многу потешко да се забележи отколку во 2011. Путин не сака да биде обвинет за мамење. Тој сака чиста, убедлива победа и парламент полн со лојалисти или претставници на испробани партии кои веќе долго време тргуваат со своите принципи во замена за официјално признавање, јавни средства и шанса да заработат пари од лобијата. И токму тоа Путин и ќе го добие, и покрај некои прилично цинични обиди да се направи трката да изгледа реална," пишува Бершидски.
Тој ги пренесува резултатите од анкетата на независниот Левада центар, според кои Обединета Русија има поддршка од 55% од луѓето што планираат да гласаат. По нивни бројки, само уште три други партии имаат шанса да влезат во парламент.
"Комунистите, и понатаму предводени од Генадиј Зјуганов, кој во 1996 за малку ќе го поразеше Елцин на претседателските избори; погрешно именуваната Либерално-демократска партија на популистот Владимир Жириновски; и Фер Русија, аморфна централно-левичарска партија вештачки создадена од Кремљ како баланс на 'централно-десничарската' Обединета Русија.
... На списокот кандидати го нема Алексеј Навални, анти-корупцискиот активист кој веројатно направи повеќе од кој било за да ја оживее руската политика и кој освои повеќе од четвртина од гласовите во 2013 на изборите за градоначалник на Москва, губејќи од супер-тешкашот на Обединета Русија Сергеј Собјанин. Навални два пати е обвинет за измислени дела заради што не може да се кандидира на избори," пишува Бершидски.
Тој го пренесува неодамнешниот пост на Навални околу сè што е погрешно во кампањата од 2016:
"Во 1993 завршив средно. Имав 17. Имаше избори за Думата. Учествуваа Јавлински, Хакадада, Рижков, Зјуганов и Жириновски. Ме интересираше политика, ама не ми беше дозволено да учествувам на изборите.
Минаа 23 години. 2016 е. Има избори за Думата. Учествуваат Јавлински, Хакадада, Рижков, Зјуганов и Жириновски. Ме интересира политика ама не ми е дозволено да учествувам на изборите."
Како што објаснува Бершидски, Путин веќе нема потреба да мести избори:
"Путин создаде политичка клима и систем која го прави непотребно местењето избори. Медиумите се тесно контролирани. На неколкуте релативно независни медиуми редовно се вежба строгост. Во говорот на неодамнешната конвенција на Обединета Русија, Путин објаснува како ги гледа кампањите во денешна Русија, опколен со непријатели и санкции од Западот:
'Најопасната работа денес е да се шпекулира за сегашните проблеми. Не зборувам за критикување на власта - тоа е неопоходност, задолжително нешто. И во иднина ќе биде. Изборниот период е време кога критиките се најсилни и најдиректни, и тоа е добро, нормално и во најголемиот дел од случаите дефинитивно корисно за каузата. Зборувам за нешто друго - за лаги и манипулација на факти, за директното предавство на државните интереси, за празните ветувања кои се полоши од кое било предавство бидејќи не се поткрепени со ништо освен со желбата да се дестабилизира ситуацијата, да се подели општеството и да се зграби власта по се која цена.'"
Ако на ова се додаде едноликоста на изборните листи, за разлика од претходни години нема бизнисмени или богати Руси кои се обидуваат да влезат во Думта заради лична корист, заклучокот на Бершидски е:
"Со други зборови, Путин толку го има срамнето политичкиот пејзаж што само досадна политичка елита од 90-те и нивните сиви на лик лојалисти од поскорешна берба можат да бидат избрани. Ако на рускиот лидер повторно му треба 'печатач' - или ако тој одеднаш го промени своето мислење и сака пак да флертува со Западот, или со либералната економија- следната Дума ќе биде послушна како и претходната.
Во други држави, политичките елити можеби се тресат од стравот од народен бунт. Со право и Русија треба да биде една од нив: Ова се првите избори од 90-те кои се случуваат за време на економски проблеми, а луѓето кои ја водат земјата се неописливо корумпирани. Меѓутоа Русите очигледно не се доволно уморни од истите стари ликови, имиња и политики за да бараат промени."