Поглед од Германија - Британија веќе не е кул

Целиот британски гламур исчезна. Вестминстер премногу играше на лажната анти-ЕУ карта. А со резултатот од ЕУ референдумот сега е кристално јасно: се претерало со играта.

Дијагнозата "британската болест" - создавање на ѕвер што не можеш да го контролираш - во Германија секогаш се чувствуваше ама ретко кога гласно се спомнуваше. Кога и да разговарав за британската политика во последнава деценија со луѓе од Берлин вклучени во целата работа, па дури и германски дипломати во Лондон, тие беа и фасцинирани од реториката и гневни од големиот недостаток на солидарност и нивното постојано коцкање во обид да ги изберат само ЕУ аспектите што и одговараат на Британија. За разлика од 80-те и 90-те, Германците денес ги ценат досадните говори. Куќа од карти нè плаши нас. Просто e.

Британската влада произведе толку спин околу ЕУ што мнозинството гласачи го отфрлија Брисел. Меѓутоа она што беше очигледно во децентрализирана Германија, каде федералниот главен град не значи многу во политиката, медиумите и бизнисот, е гневот на луѓето од северот на Англија. Нивниот гнев против Брисел веројатно повеќе е манифестација на лоши чувства кон Лондон. Секако лесно е за секој проблем да се обвини ЕУ. Ме интересира кого Британија ќе обвини во иднина кога нешто нема да им оди по планираното.

Оние кои сакаа да известуваат за привлечноста на Британија и за гламурот на бритпопот, за кралското семејство или Џејмс Бонд сега со право се шокирани од политичката (не) култура во Британија. По референдумот тоа не е земја која може да биде опишана како демократска. Просто е страшно: и на никој начин не е пример за германската политика. Со падот на англиската политичка култура, вклучувајќи ја и ужасната смрт на Џо Кокс, германското сочувство со Шкотите и нивниот демократски систем доби неверојатна поддршка. Лондон моментално има далеку полоша репутација отколку Единбург па дури и Брисел.

И зошто? Затоа што, пред некое време, британската политичка култура скршна од она што е основа на германската политичка култура (со сите нејзини пропусти): компромиси, проверки; само одлучување на малцинствата; плурализам; медиумите не се присутни само во главниот град или во сопственост на странци; партнерства меѓу работодавците и работниците; силни синдикати; асоцијативна демократија; силен парламентаризам; отвореност за бегалци.

Според последните анкети околу 79% од Германците би гласале за останување во ЕУ. Зошто? Затоа што луѓето имаат интерес од функционална европска интеграција. Демократијата, плурализмот и европската интеграција се втемелени во федералниот германски устав од 1949 - благодарејќи на Британија. Данкан Снадис, зетот на Винстон Черчил дури е и ко-основач на Европското движење Германија.

Кога поборниците за Брегзит се молат за слични движења за "напуштање" во континентална Европа, бидете претпазливи. Општествата во најголемиот дел од континентална Европа не се така прости како што Вестминстер ги замислува. Колку покомпликувана, плуралистичка и корпоративна е една земја, толку повеќе одговори може да им даде и на мнозинството и на малцинството. Помалку демократија значи повеќе популизам.

За жал коцката на Дејвид Камерон со иднината на Европа продолжува. Тој повторно избегнува одговорност, додека Брегзит блокот сака лесно излегување. Заборави каква штета ова ќе предизвика во остатокот на Европа.

Ама сега ЕУ веќе не мора да биде внимателна околу Вестминстер. Овој пат "надвор е надвор". Дури и ако Вестминстер некое време го одложува повлекувањето, Европа ќе биде строга со нив. Сега ЕУ може да спроведе вистински реформи без англиските снајпери.

Може само да се надеваме дека младите Англичани ќе израснат и ќе ги следат луѓето од Шкотска или Северна Ирска во изградба на нов политички систем со, и за, европската иднина. Во меѓувреме, Вестминстер и Сити се готови. Овој пат ЕУ ќе биде смирена и ќе тера.

Бернт Хутерман
Гардијан

24 јуни 2016 - 18:51