Отворено писмо од Аарон Соркин до Марк Закерберг

Фејсбук не ја брани слободата на говорот, туку ја напаѓа вистината.

Марк,

Во 2010 го напишав „Социјална мрежа“ и знам дека ти би сакал да не го напишев. Ти протестираше дека филмот не е точен и дека Холивуд не разбрал дека некои луѓе создаваат работи само за да ги создадат. (Ние го разбираме тоа - секој ден го правиме.)

Молчев на твоите јавни обвинувања дека филмот е лага бидејќи јас она што имав да го кажам го кажав во киносалите, но ти и јас двајцата знаеме дека сценариото беше коригирано до раб од целосно бришење од тим на адвокати на студиото со еден клиент и една цел: да не добиеме тужба од Марк Закерберг.

Тешко беше да се игнорира иронијата додека ги читав извадоците од твојот неодамнешен говор на Универзитетот Џорџтаун, во кој ти ја бранеше - по основа на слободен говор - праксата на Фејсбук да објавува очигледно лажни реклами од политички кандидати. Се восхитувам на твојата длабока верба во слободниот говор. Јас доста го имам користено Првиот амандман. Дополнително, тој е темелот на нашата демократија и затоа мора да биде силен.

Но не е можно тоа да е исходот што јас и ти го сакаме, луди лаги постојано да бидат пумпани во водоводниот систем и да ги поткопуваат најважните одлуки што заедно го носиме. Лаги кои имаат многу реално и неверојатно опасно влијание врз нашите избори и нашите животи и животите на нашите деца.

Не го споменувај Лари Флинт. Дури ни Лари Флинт не би го кажал Лари Флинт. Не е исто како порнографија која луѓе не ја користат за добивање информации. Минатата година над 40% од Американците изјавиле дека добиле вест од Фејсбук. Секако проблемот би можел да се реши ако на овие луѓе им кажеш да одат на друг извор за вести, или ти можеш да одлучиш да го направиш Фејсбук веродостоен извор на јавни информации.

Натписот на постерот за „Социјална мрежа“, во 2010, гласеше „Не можеш да добиеш 500 милиони пријатели без да создадеш неколку непријатели“. Оваа бројка звучи застарено само девет години подоцна бидејќи сега една третина од планетава ја користи твојата веб-страна.

А во моментов, на твојата веб-страна, има реклама која тврди дека Џо Бајден му има дадено милијарди долари на украинскиот јавен обвинител за тој да не го истражува син му. Секој квадратен сантиметар од тоа е лага и е под твоето лого. Тоа не е бранење на слободниот говор, Марк, тоа е напаѓање на вистината.

Ти и јас сакаме заштита на говорот за да се осигуриме дека никој нема да биде затворен или убиен за тоа што кажал или напишал нешто непопуларно, а не да се осигуриме дека лагите ќе имаат неограничен пристап до американскиот електорат.

Дури и откако сценариото за „Социјална мрежа“ ги задоволи стандардите на правната служба на Сони, ние го испративме сценариото - како што беше ветено при едно ракување - на група високи менаџери во твојата компанија и ги замоливме да ни пратат забелешки. (Од мене беше побарано дали ќе може да го сменам името на Универзитетот Харвард во нешто друго и дали Фејсбук мора да биде нарекуван Фејсбук.)

Откако го снимивме филмот, за твојот ЦОО, Шерил Сандберг, организиравме приватна проекција на се уште недовршена верзија. Сандберг тогаш стана на сред проекција, се сврте кон продуцентите кои стоеа на крај од собата и рече „Како можете ова да му го правите на дете?“ (Во тоа време ти имаше 26 години, ама во ред, разбирам.)

Се надевам дека твојот ЦОО влегува во твојата канцеларија, се наведнува (како што таа наведе во нејзината книга) и ти вели „Како можеме ова да им го правиме на десетици милиони деца? Дали навистина ќе дозволиме да оди реклама што тврди дека Камала Харис организирала борби со кучиња во подрум на пицерија додека Елизабет Ворен уништувала докази дека климатските промени се лага, а дип стејт им продавала мет на Рашида Талиб и Колин Каперник?“

Се уште - се уште - не е напишан закон што од носителите на интернет содржини генерирани од корисници ќе бара одговорност за содржините генерирани од корисници што тие ги носат, како што е за филмските студија, телевизиските мрежи и издавачите на книги, магазини и весници. Прашај го Питер Тиел кој финансираше серија тужби против Гавкер, вклучувајќи и тужба за нарушување на приватноста која го банкротираше сајтот и доведе до негово затворање. (Бројот на г-дин Тиел го имаш кај тебе во телефон бидејќи тој беше еден од раните инвеститори во Фејсбук.)

Најголем дел од луѓето немаат ресурси за да ангажираат баталјон проверувачи на факти. Без разлика, кога ти пред две недели сведочеше пред комитет на американскиот Конгрес, конгресменката Александриа Окасио-Кортез те праша следното: „Дали тука гледаш потенцијален проблем со комплетниот недостаток на проверување факти во политичкото рекламирање?“ Потоа кога таа дополнително те притисна, прашувајќи те дали Фејсбук би ги избришал лагите или не, ти одговори, „конгресменке, во најголем број случаи, во демократија, јас верувам дека луѓето треба да се способни сами да заклучат за кои политичари може или нема да гласаат и сами да пресудат за нивниот карактер.“

Сега ми кажуваш. Да знаев дека така мислиш, јас повеќе би сакал близнаците Винкелвос да го измислат Фејсбук.

Аарон Соркин

5 ноември 2019 - 17:25