Во драматична серија промени оваа недела, американскиот претседател Џо Бајден и неговите сојузници во НАТО ја ескалираа нивната политика - од политика на помагање на Украина во политика на поткопување на моќта и влијанието на самата Русија. Набљудувачи стравуваат дека со тоа му оставаат малку избор на рускиот претседател Владимир Путин освен: а) да се предаде или б) двојно повеќе да нападне, што ја зголемува можноста за проширување на неговата војна надвор од Украина.
Барајќи од Конгресот 33 милијарди долари дополнителна воена, економска и хуманитарна помош за Украина - повеќе од двојно од претходната сума - Бајден рече дека испраќа јасна порака до Путин: „Никогаш нема да успееш да доминираш во Украина“. Освен тоа, во забелешките во Белата куќа, најави дека новата политика има за цел „да ја казни руската агресија, да го намали ризикот од идни конфликти“.
Тоа продолжи со подеднакво јасната изјава на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој по киевскиот состанок со Зеленски рече дека целта на САД сега е да ја ограничат моќта на Русија на долг рок, за да нема „способност да се репродуцира“ неговиот воен напад врз Украина.
„Сакаме да ја видиме Русија ослабена до степен во кој нема да може да повтори инвазија“.
Ваквата промена веројатно го поттикна Сергеј Лавров да изјави дека Вашингтон и Запад влегле во „прокси“ војна со Русија, ризикувајќи нова светска војна која, предупреди Лавров, може да стане нуклеарна.
„Опасноста е сериозна, реална. И не смееме да ja потцениме“.
Путин исто така, неделава повторно сугерираше дека сè уште има опција да употреби нуклеарно оружје против НАТО. „Ги имаме сите инструменти за ова [да одговориме на директна закана за Русија] - со кои никој друг не може да се пофали. И ќе ги употребиме ако мораме“.
Новиот агресивен пристап на САД наиде на пофалби од многу страни - особено од сегашни и поранешни претставници на НАТО кои инсистираат дека руските нуклеарни контра-закани се само празна реторика. „Тоа е единствениот начин да се оди напред“, навива екс генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Новата стратегија на САД и НАТО делумно се заснова на украинскиот успех на бојното поле што го принуди Путин да ги намали своите амбиции - од целосно преземање на Украина до голема офанзива на нејзиниот исток и југ. Сојузниците на НАТО, вклучително и Германија, која до оваа недела се двоумеше за испраќање тешко офанзивно вооружување во Украина, сериозно ја зголемија својата помош. Германскиот канцелар Олаф Шолц, под политички притисок дома и во странство, најави дека неговата земја ќе обезбеди 50 противвоздушни тенкови за Украина.
Други руски експерти се загрижени дека САД и сојузниците сега ги преминуваат црвените линии, што досега го избегнуваа. Велат дека со дополнителната помош и построгите економски санкции, американскиот претседател го тера Путин во ќош од кој може само да се бори или да се предаде. А Путин досега се нема предавано.
Џорџ Бибе, поранешен шеф на руската аналитика во ЦИА, вели дека Бајден можеби заборава дека „најважниот национален интерес на САД е да се избегне нуклеарен конфликт со Русија“. „Русите имаат способност да се погрижат, ако заегубат тие, сите други да изгубат. Натаму одиме а тоа е опасно“.
„Едно е да се води политика на слабеење на Путин, а сосема друго тоа гласно да го заговараш. Ние мораме да најдеме начин Путин да има на располагање политичко решение“, вели висок европски дипломат, инсистирајќи да остане анонимен.
„Станува сè поопасно“, оценува Чарлс Купчан, поранешен висок функционер на САД, сега професор по меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун. „Треба да мрднеме отаде праќањето џавелини и противтенковски ракети и да зборуваме за политичка завршница“. Или, како што вика Бибе:
„Треба да најдеме начин некако дискретно да им пренесеме на Русите дека би биле подготвени да ги олесниме санкциите во контекст на меѓународно решение за кризата“.
Па сепак, таквите преговори сега изгледаат помалку веројатни од кога било порано. Се чини дека двете страни се подготвуваат за долга борба. По состанокот со Путин и Лавров, Гутереш призна дека итeн прекин на огнот не е на маса и дека војната „нема да заврши со состаноци“.
Само пред еден месец Зеленски ја изнесе идејата за неутрална Украина која нема да влегува во НАТО и предложи да се легитимираат сепаратистичките сили во источна Украина. Само нешто подоцна, Зеленски му кажа на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, дека заради руските злосторства, украинското јавно мислење е против преговори и се залага за продолжување на војната.
Во меѓувреме, Финска и Шведска сигнализираа дека се заинтересирани за приклучување во НАТО, прекинувајќи ја нивната долгогодишна политика на неприпаѓање, што ќе создаде нова тензија на северната граница на Русија. Тоа би бил разурнувачки удар за Путин, кој често го наведува ширењето на НАТО кон исток како причина за неговата инвазија на Украина.
„Најверојатно ќе завршиме во некаква долгорочна нестабилност и конфронтација што ќе ја парчи Украина и ќе ја дели Европа, во игра во која нема правила. Тоа не е нова Студена војна, тоа е гнојна рана во Европа“, стравува Џорџ Бибе.
Мајкл Хирш,
Форин Полиси