Александар Хемон:

Одмаздољубива земја на наапани расисти го избра за претседател најлошиот човек во САД

Летоска 450 писатели потпишаа петиција против кандидатурата на Трамп. Имаше и такви кои одбија да им се придружат, велејќи дека човекот барем до тој момент не направил ништо што е против принципите на демократијата. Меѓу нив беше и еден кој во меѓувреме се предомисли - реалноста знае преку ноќ да напукне, како евтин асфалт под сканија.

Познатиот босански писател кој од 1992 живее во САД каде стекна светска кариера, тогаш објави писмо во кое рече дека вистинскиот начин да се покаже став кон човекот со „коса ко крзно од верверичка“ е да не се гласа за него (делови објавивме тука). Но неговата умереност и разумност во меѓувреме попушти. Во нов текст објавен по победата на Трамп, тој го споредува своето чувство со „еден вид стомачна болка која ти се појавува само кога си соочен со катастрофа“. Еве делови од неговиот текст, објавен во Вилиџ Војс, кој можеби и не е толку за новиот претседател, колку за оние трауматични моменти кога човек мора да се соочи со променетата реалност во која и самиот, за да преживее, ќе мора да се промени.

***

Ова е чувството кое ме прогонуваше кога ќерка ми Изабела беше болна а потоа умре. Тоа е еден вид страв кој се разбуди, се оптегна и се излакта за повеќе место во мојот стомак на 8 ноември 2016, кога стануваше сè појасно дека Доналд ебениот Трамп ќе ги добие претседателските избори. До два наутро си ги смирував адреналинот и неверувањето додека се ѕверев во шокираните ТВ аналитичари кои се обидуваа со глупи објаснувања да си ја покријат претходната глупост. Стравот ми се вселуваше во стомакот, клоцајќи со своите раширени стапала.

Жена ми се рабуди кога конечно отидов да спијам, и размислувавме што да правиме следно. Мојот прв инстинкт беше да се збогувам со Америка и со нејзината сега веќе целосно очигледна длабока патологија, и да побрзам кон Канада, Босна, кон најоддалечените делови на ослободеното Каде-и-да-е, подносливите нискотемпературни оддели на Пеколот. Додека стомачниот страв се занимаваше со роварење низ моето утробие, не бев загрижен за мојата безбедност, дури ни за таа на моето семејство; не се плашев од војна, од фашизам, од иселување, од полиција, тајна или каква и да е, ниту од општествен распад и хаос на улиците, што сигурно ќе се случи со Психопатот на чело.

Единствената неподнослива последица на изборниот исход беше дека реалноста - светот - во кој живеам стана неподносливо незамислив. Ми беше јасно дека не само што ништо веќе нема да биде како што беше, туку и дека ништо не било како што било. Ниту знаев што се случи, ниту што ќе се случи. Преку ноќ, Америка - нејзиното минато, сегашност и иднина - станаа нереални.

Ова може да изгледа како апсурдно претерување, но можам да потврдам дека ова им е познато на оние кои имаат проживеано почеток на војна, време кога она што никако не може да се случи почнува да се случува, рапидно и насекаде. Голем број од моите пријатели Босанци, на пример, лесно ќе го препознаат распаѓањето на познатата и удобна реалност. Идеолошките маркери одеднаш се различни (на пример ЈНА станува српска армија, или бесниот расизам станува преку ноќ прифатлив). Физичкиот простор се трансформира, па непријателските позиции се воспоставени околу градот, на ридовите околу Сараево, или наскоро во предградијата во близина на вашиот либерален град. Пријателите стануваат непријатели без да му кажат никому освен на оние од истата етничка убеденост. Можеме да препознаеме кога континуитетот помеѓу сегашноста и иднината е веќе отидена, кога никој не знае што ќе се случи - освен оние кои ги подготвуваат списоците за ликвидација.

Утрото на 9 ноември се разбудив после кратка ноќ полна вознемирувачки соништа, во одмаздољубива земја на наапани расисти, кои го избраа најлошиот човек во Америка како зајадлива казна за какви и да се белечки конфронтации кои се акумулирале во текот на годините на Обама, па дури и во претходните децении. Додека возев точак за да појадувам со пријател, трите листови на земјата изгледаа различно, контаминирано. Кога и да видев белец, не можев а да не помислам - дали е тој Трампист?

Ова, пазете, се случува во Чикаго, во град каде Трамп го откажа митингот заради остри протести и каде, како што излезе, околу 88% од луѓето гласале против него - но ниту еден простор не е неконтаминиран. Додека појадувавме и ги анализиравме изборите, еден човек кого често го гледав во ресторанот, читаше весник. „Да не нè прислушкува“, се прашав. „Да не е од на Трамп?“ Лесно беше да се отфрли оваа чиста параноја, но повеќе сакам (како и секој параноиден тип) да мислам дека е поврзана со фактот дека во една нова реалност сè има ново значење, иако се уште неслегнато и непотврдено.

Постојано мислев на Грегор Самса, кој, како што вели приказната, се буди по ноќ мината во вознемирувачки соништа, трансформиран во гигантски инсект. И на неговиот партнер во злосторството, Џозеф К, кој без да стори ништо лошо едно утро е уапсен во сопствената спална. Она што Кафка го знаел е дека нема причина да се верува дека реалноста којашто ја познаваме и за која мислиме дека е безбедна нема одеднаш и засекогаш да се промени. Тој знаел дека претпоставката за континуитет е базирана на инерцијата на реалноста, на верувањето дека сè ќе остане исто едноставно затоа што отсекогаш било така.

Но она што никогаш не можеше да се случи се случи на 8 ноември што повлече онтолошко поместување на инерцијата. Во изборната порака таа ноќ, Обама сугерираше дека „без оглед што ќе се случи, сонцето утре ќе изгрее“. На 9 ноември низ целата нација насловите гласеа: Претседателот Обама: Сонцето ќе изгрее утре.

Одговор на Обама е одамна подготвен, од извесен Лудвиг Витгенштајн во 1921, кога бил објавен неговиот „Логичко-филозофски трактат“. Како и Кафка, добриот Лудвиг, кој проживеал низ Првата светска војна, бил научен на империи кои се распаѓаат и светови кои се рушат. Тој напишал: „Тоа дека сонцето ќе изгрее утре е хипотеза: тоа значи дека ние не знаеме дали ќе изгрее“.

Ако светот и животот се едно, и ако јас сум мојот свет, како што тоа го сугерира Витгенштајн, тогаш пукнатината во цврстината на тој свет се трансформира во она што сум, без оглед на мојата волја и намера. Ова е тешко да се прифати. Затоа што човечкиот ум зависи од илузијата на онтолошкиот, психолошки и морален континуитет - „Секогаш сум бил личноста којашто сум сега, концентрирана околу истото јаство!“ - тој (умот) инсистира на стабилна врска помеѓу сегашноста и иднината, помеѓу она што го знаеме и она што не го знаеме, така што она што не го знаеме да изгледа како продолжување на она што веќе го знаеме и кое ни е познато. Затоа што умот во сегашноста може да го препознае само она што ѝ припаѓа на таа сегашност. Иднината оттаму може да биде само продолжување на она што ги реплицира структурите на сегашноста.

...Сепак, трауматскиот шок никогаш не води кон моментално разбирање на новата реалност. Она што го зазема местото е отсуството на познатото и ништо-то како замена. Онтолошкото разурнување води главно кон разместување и конфузија. Една вообичаена и предвидлива реакција е панична потрага по континуитети, по знаци дека не е толку лошо колку што изгледа, дека сонцето ќе изгрее и утре, дека новиот претседател не е психопат избран да го казнува секој оној кој не е од негова, и кој би можел да биде корегиран од недвојбената, строга реалност на Америка и нејзините - Боже ни помогни - системи на одржување рамнотежа.

Луѓето очајно ќе сакаат да го оддржуваат старото колку што можат, вклучително и засекогаш. Тие се плашат дека доколку ја загубат реалноста која ги има дефинирано, ќе ја вкусат состојбата на не-бивствување, нивните цврсти јаства ќе се растворат, истите оние за кои мислеа дека се непобедливи. Кога ќе ѝ се јавев на мајка ми од Чикаго среде опсадата на Сараево во 1992, мајка ми стално ми викаше: „Веќе пукаат помалку од вчера“.

Но телото знае, ја препознава кризата пред умот. Ја пушта челичната кугла низ внатрешните органи, ги активира сетилата, нагодувајќи ги на фрекфенции на кои сигналите на новите опасности можат да се примат. Овие сигнали на претходниот - предвоен ум може му изгледале како врева, како прекин на комуникацијата. Но новиот ум, кое телото го пумпа со адреналин, почнува како зајак во шума полна лисици да ги декодира, дури и ако не може да ги вклопи во наратив. Унифицираниот, онтолошки конфорен ум се дели: предвоениот одбива можност за катастрофа, воениот гледа на сè како на сигнал за крај на светот. Им верувам на стравовите истовремено додека ги игнорирам. Стануваме два ума, кои не можат да се согласат што е реално. Светот изгледа чудно и несигурно, кршливо и опасно. Тоа е самото тоа, и не е. Јас сум јас, и некој друг.

...За мене симптомот на таквото искуство е постојан трауматски штрек, грозна исцрпувачка потреба да се внимава на се и на секого и да не се подлегне на искушението на утешно толкување. Како што велат во Босна: „Ако те касне змија, ќе се пазиш и од гуштер“. Траумата прави сè да биде ненормално, а чудното е што да живееш со и во ум во кој ништо не изгледа нормално или стабилно е најдбриот антидот на нормализацијата.

Со други зборови, нема друг избор освен да се има ваков поделен ум кој ќе ја тестира Америка, сите нејзини делови, сите нејзини лаги, сите нас. „Реалноста“ конечно си ги заслужи наводниците. Ова е последица на несфатлива катастрофа, но добриот писател никогаш не смее да дозволи добра катастрофа да оди фира. Сега шокот треба да се трансформира во висока подготвеност, која спречува се да биде земено здраво за готово - да се соочиш со стравот и да го засакаш начинот на кој сè изгледа чудно.

Сакајте ги новите фрекфенции - она што сега е врева, подоцна ќе биде музика.

26 јануари 2017 - 18:38