Прва беше Џ.К. Роулинг, која зборувајќи на годишната гала вечер на американскиот ПЕН центар во Њујорк, на која ѝ беше врачена награда, ја спомна минатогодишната петиција со која се бараше на Трамп да му биде забранета посета во Велика Британија. Неа ја потпишаа стотици илјади Британци, но не и Роулинг. Таа смета дека неговата слобода на изразување ја заштитува нејзината слобода да го нарече „кретен", исто како што оние критичари кои сметаат дека таа се обидува да ги конвертира децата во сатанисти со книгите за Хари Потер „можат слободно да го прават тоа". Тоа подразбира дека и таа може да им објасни дека само ја истражува човечката природа и моралноста, или едноставно да им каже дека се глупи, зависно од тоа на која нога станала дента.
„Ако барате одземање на слободи од опонентите само врз основа на тоа што тие ве навредиле, тогаш сте ја минале линијата која ве дели од тираните кои затвораат, мачат и убиваат токму врз основа на истите оправдувања", изјави Роулинг.
Таа ја доби спомнатата награда заради „спротивставување на репресија во која и да е форма и унапредување на најдоброто од човештвото".
Сега со сличен став истапи Александар Хемон, познатиот босански автор кој живее и работи во САД од 1992. Тој за списанието Литхаб напиша текст под наслов „Зошто не го потпишав отвореното писмо против Трамп", мислејќи на она гореспоменатото, поддржано од 450 негови колеги, меѓу кои десет добитници на Пулицер. Иако вели дека го презира Трамп и сето она за што се залага тој и неговата „коса ко крзно од верверичка", сепак смета дека вистинскиот начин да се покаже ставот кон Доналд е - да не се гласа за него.
„Вистина е, како што велат моите колеги, дека историјата на диктаторството е историја на манипулации и поделби, демагогија и лаги", вели Хемон во текстот, „но Трамп во моментов се придржува до правилата на демократските избори, а тоа го прават и неговите следбеници, без оглед колку се тие бесни. Кој е прагот на прифатливост на некој кандидат? Да биде професионален политичар? Да биде демократ? Да нема кратки прсти? Да не е - Трамп?"
Ако подемот на Трамп е она што би ги поттикнало американските писатели да се свртат кон политиката, Хемон го поздравува тој чекор, бидејќи според него недостасуваат квалитетни романи кои би ги допреле најгорливите прашања на американската политика. Се уште нема, на пример, квалитетно книжевно дело кое се однесува на периодот по 11 септември. Доколку некој од потписниците развие нарација за Трамп како симбол на Америка која се бори против својот интелектуален пад, а својот придонес кон истото го даде преку квалитетна книга, тоа ќе значи дека придонесува во подигнувањето на нивото на дискусијата, кое е спуштено толку ниско меѓу другото и заради отсуството на литература од политиката.
Во меѓувреме Трамп во интервју за Холивуд Рипортер беше прашан за тоа што чита во моментот. Иако, нормално, беше затекнат (а кој политичар не би бил?), тој од пушка изјави: „Книгата на Ед Клајн за Хилари Клинтон" и „книга која одамна ја имам читано, На запад ништо ново", која веројатно му е од средно. Ама ете, се снајде.