Сигурно сте ги виделе не само сликите на шимпанзо кое постепено се исправува и напредува до „асли“ модерно човечко суштество, туку и различни пародии, мемиња и зафрканции произлезени од истото. И не дека не се смешни, но овие видови популарни репрезентации на еволуцијата се погрешни.
Недоразбирањето е наследство на периодот пред 1859, годината кога Дарвин ја објавил својата научна теорија на еволуцијата преку природна селекција. До тогаш традиционаното гледиште за тоа како е организиран светот била преку „прогресија до совршенство“. Овој концепт е очигледно содржан во идејата за „големиот синџир на постоење“ или scala naturae: дека сите нешта на Земјата, и живи и неживи, можат да бидат организирани согласно хиерархија на совршенство, од, да речеме, печурки на дното, преку јастози и зајаци, до човекот.на врвот.
Ова гледиште, кое потекнува од Платон и Аристотел, има три маани: прво - затоа што смета дека природата е организирана хиерархија (не е); второ - затоа што зема предвид (само) два критериума за организација, напредок од едноставно до совршено и од примитивно кон модерно; и трето, затоа што не предвидува преодни фази помеѓу овие нивоа на хиерархија.
Барем од Дарвин наваму, научната идеја за светот е организација преку транзиции - од неживи молекули кон живот, од порано појавени организми до различни видови растенија и животни. Сиот живот на планетата е производ на постепени трансформации, кои резултирале со разновидност и го поттикнале постоењето на организмите кои ги познаваме денес.
За еволутивните биолози особено се интересни два момента: скокот од неживо кон живо (потеклото на животот), и појавата на човечките видови од предок-мајмун. Најпопуларен начин за претставување на второто е во вид на линеарен и прогресивен процес. Различни фото-монтажи, слики, логоа и политички пропаганди се инспирирани од ваквата „логика“. Но ниту една од овие претстави не ја отсликува прецизно динамиката на Дарвиновата теорија. Визуелната метафора со којашто тој се служи нема изглед на линија, туку на разгранување, како во погорниот дијаграм на „дрво на животот“. Не постои апсолутна временска скала, туку секој организам има своја временска динамика, базирана на должината на секоја негова генерација.
Според Дарвин, сите моментални организми се подеднакво еволуирани, но се и понатаму под влијание на природната селекција. Така, и една морска ѕвезда, и еден човек, се подеднакво „напреднати“ во контекст на еволуцијата на нивните сопствени видови. И тие споделуваат заеднички предок кој живеел пред околу 580 милиони години.
Дарвиновата теорија не предвидува каква и дека е посебна насока на еволуција. Само претпоставува постепена промена и диверзификација. Но очигледно идеите кои постоеле пред оваа теорија, за линеарност и напредок, никогаш не биле искоренети. Тоа веројатно се должи на длабоката всаденост на религиските концепти за Создавањето, во кое Бог создава ден за ден сè посложени суштества, за на крај да го создаде и човекот. Промената на концептот „од мајмун до човек“ во колективните претстави е тешка, со оглед на нејзината едноставност и визуелна препознатливост од прва. Од друга страна, разгранети дрва се ем малку потешки за цртање, ем не толку разбирливи и смешни.