Прекршувањето на даночните закони се прави на два начини: или преку даночна измама, односно директно не плаќање данок; или преку избегнување данок, каде големите корпорации ги користат дупките во законот оставени од државата и нејзиното намерно замижување, со што го намалуваат данокот што треба да го платат наведувајќи трошоци што ги имаат кон (нивни) компании базирани во некои од даночните раеви.
Професорот по Бизнис право на Универзитетот Торонто, Јан Виер, ја објаснува целата процедура што треба да ја истераат богатите за да не платат данок:
„Направи сам“ избегнување данок:
Да речеме имаш неколку милиони што треба да ги скриеш од даночникот. Никаков проблем: целиот процес е ’едношалтерски’ решен. Работите доаѓаат на место како на фабричка лента.
Прво треба да најдеш оф-шор провајдер на услуги. Ако имаш доволно пари на располагање, твојот локален банкар ќе те спои со човекот. Или твојот адвокат или сметководител може да ти препорачаат некого. Има и голем број веб-страни што отворено го нудат ова, ама зошто да ризикуваш јавен извор кога истото можеш да го добиеш од локален советник. Без разлика, на располагање имаш барем 80 испробани и темелно тестирани таинствени јурисдикции низ светот од кои можеш да избираш.
Да речеме дека ги избираш Кајманските острови. Оваа британска територија опфаќа три острови на Западните Кариби, од кои најголем е Големиот Кајман.
Ако решиш лично да одиш до Кајманските острови за да завршиш со документација, местото не е лошо ни за одмор. Ако ти е прв пат на аџилак ти препорачувам да одиш во Угланд хаус, во Џорџ таун, на Големиот Кајман, каде што илјадници глобални компании имаат регистрирана канцеларијата.
На Кајманските острови, твојот провајдер на услуги, локална адвокатска компанија, ќе ти понуди избор на неколку пакети со слоеви трустови и корпорации распоредени во други таинствени јурисдикции, што ќе го направат невозможно откривањето на сопственикот на некоја сметка. За најголемиот дел од случаите, стандардниот пакет е доволен.
Провајдерот ќе најде и човек параван. Тие го прават ова во толкав обем, што може да бидат најмени и за само 100 долари. Нивното име - и само нивното име - ќе се појави на кој било документ поврзан со твојата сметка. Тоа се луѓе што живеат од ова. Тие немаат исто живеалиште како тебе па со тоа и не потпаѓаат под истите даночни закони како ти.
Во Рајските документи се открива пример на оваа пракса, па една мала банка од Јута се користи како параван за Руси и други странци да можат да ги регистрираат своите приватни авиони како Американци.
Следен чекор е основање на труст.
Трите тајни документи
Трустот е клучен бидејќи тој никогаш не се регистрира јавно. Тој може да биде создаден и само како договор, дури и на салфетка. Најголемиот дел од трустовите во даночните планови се создаваат од адвокати и се чуваат во енкриптирани даночни фајлови.
Трустот дозволува поделба на сопственоста. Мајка може да направи труст ставајќи 1 милион долари во обврзници во трустот на нејзините две малолетни деца, назначувајќи го нејзиниот адвокат како полномошник кој има инструкции да им исплаќа приход на двете деца додека да стигнат 25 години а потоа да им ја подели главната сума.
Полномошникот е легалниот сопственик на средствата. Само тој го има правото да работи со имотот на трустот, да зема камата или да исплаќа според условите на трустот, и ја има контролата врз трустот. Децата се сопственици-корисници на трустот. Под овие услови, мајката според законот повеќе нема никаква контрола врз фондовите. Така имаме две класи луѓе кои законски полагаат право врз титулата сопственик: полномошник и сопственици-корисници.
Во шемите за избегнување данок, полномошникот е кандидатот споменат погоре (параванот), а ти си сопственик-корисник. Кандидатот потоа потпишува полномошно со кое сите права околу трустот ти ги дава назад на тебе. Полномошното нема потреба да биде регистрирано - таен документ број два.
Во овој момент трустот се уште нема никакви средства.
Следно, го имаме многу корисното правило дека при регистрирање корпорација во САД (и останатите Г20 држави) се бара да се знае само името на директорот но никогаш и на акционерите. Името на кандидатот ќе се појави на корпоративната регистрација како директор. Како дополнителен слој на таинственост, акциите ќе бидат издадени од адвокат во име на кандидатот и се предмет на истото таинствено полномошно.
За основање на трустот ги препорачувам Сејшелите, сред Индискиот океан. И, да, во твојот пакет се вклучени искусни адвокати. Уште еден плус, Сејшелите одбиваат да спроведуваат одлуки на странски судови. Тие не зависат од надворешна трговија, туку се економски само-доволни од туризмот - и давање даночна заштита. Твојот даночник не може на Сејшелите да спроведе судска одлука за откривање информации. Така имаш непробоен втор фајрвол.
Уште еден плус, ако одиш таму: Сејшелите се омилено место за ѕвезди од сите типови, филмови, спорт, што сакаш. Тие комбинираат одморање со избегнување данок. Па може да бидеш на иста плажа со твојата омилена поп-ѕвезда.
Сега мораш да ја избереш јурисдикцијата за корпорацијата која ќе ја има сопственоста врз трустот - која ќе биде негов ’правен’ сопственик. Предлагам враќање на Карибите и прекрасните Британски девствени острови. Како и Кајманските, овој архипелаг од четири главни и повеќе помали острови е Британска прекуморска територија. На Британските девствени острови се сместени околу 40% од сите оф-шор корпорации, и финансиските сервиси - заедно со туризмот - се водечки економски гранки.
Твоите адвокати од Британски девствени острови ќе ти доделат океанско сино 10 х 10 сантиметри сандаче на една од многуте долги редици во центарот на Тортола, главниот остров, по цена од само 22 долари месечно.
Како дополнителна заштита, твојот адвокат ќе искористи друга адвокатска компанија за да ја регистрира корпорацијата. Во јавните документи ќе го има само неговото име, како адвокат на сопственикот.
Сега имаш непробоен пакет. Сметка на Кајманските острови, во сопственост на таен труст на Сејшелите, кој има акции од корпорација основана на Британските девствени острови од страна на човек параван што има потпишано тајно полномошно кое на тебе ти ја дава целосната контрола. Твоето име како сопственик-корисник никогаш не се појавува во јавните документи, туку седи на безбедно во фајловите на твојот провајдер на услуги, кој најчесто е глобална банка, и твојот оф-шор адвокат.
Сите се во тајни јурисдикции. Единствен јавен документ е регистрацијата на корпорација. Ако властите добијат наредба за јавно да го откријат името на директорот, регистрацијата ќе биде на име на твојот човек параван од друга држава кој не е даночен обврзник во твојата земја. Трустот и полномошното остануваат кај адвокатот. Ти, сопственикот-корисник, никогаш нема да бидеш откриен.
Само свиркач вработен во банка или хакер би можеле да го пробијат овој план.
Мојот омилен начин за префрлање на парите во новата тајна банкарска сметка е преку лажна тужба. Твојот човек параван те тужи тврдејќи дека си го прегазил со рент-а-кар на улица на Кајманските острови. Бидејќи си возел пијан, твоето осигурување не ја покрива штетата. Лажниот тужител тврди дека е 30-годишен банкар со светла иднина кој сега заради тебе станал неподвижен инвалид. А таква ти е среќата, што само еден ден пред инцидентот тој е примен на Харвард со полна платена школарина, каде планира да започне втора кариера. За ова му следува мултимилионска оштета.
Се подготвуваат сите вообичаени документи за тужба, па целата работа изгледа легитимно. Ти пишуваш чек на целата сума од тужбата. По цена од поштенска марка, сите пари ги префрлаш на Карибите. Човекот параван ги става на твојата сметка на Кајманските острови. Сега парите без никаква трага можеш да ги трошиш вон САД.
Враќање на парите дома
Една од морничавите шеми за да ги вратиш парите во САД и да можеш легално да ги користиш, е да основаш лажна осигурителна компанија на некој од карипските острови.
На Карибите веќе има безброј банки и осигурителни компании кои не се ништо повеќе од поштенско сандаче. Нив можеш да ги основаш со иста леснотија како што основаш компанија во САД, само е малку поскапо и чини 75.000 долари.
Оваа опција се базира на фактот дека исплатите на оштета од осигурување не се оданочуваат.
Прво во САД мора да познаваш некој што е пред умирање. На пример роднина. Да речеме земаш животна полиса на име на чичко ти. Ова е нелегално во најголемиот дел од земји, меѓутоа ова не го правиш со вистинска осигурителна компанија. Лажната компанија постои само за да се изврши ваквото избегнување данок.
Кога чичко ти ќе умре, осигурувањето исплаќа. Парите стигнуваат кај тебе на сметка без да бидат оданочени. Како може од даночно да докажат дека не е така? Ти имаш полиса, а посмртницата на чичкото е издадена од твојата влада. Парите конечно се дома и слободни.
Ако лажната полиса е премногу морничава за тебе, можеш да најдеш нешто попривлечно во збирот на најразлични методи на сајтот на американската даночна служба. Проста алтернатива е да земеш кредитна картичка од странска банка и на нејзе да ставаш пари преку твојата тајна банкарска сметка.
Ако не ти се прави ни тоа, има компанија која за скромен надомест од 22% нуди услуга за испорачување на куфер со пари до Њујорк или Ванкувер.