Во неговата непредвидлива желба за моќ, американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, ги прави вистинските работи но заради погрешни причини. Изборниот електорен систем на САД е недемократски и треба да се раштрафи, но притоа, на Трамп најмалку му е до она што е добро за неговите приврзаници.
Кога окружната британска судијка Ванеса Бараитсер го отфрли барањето на САД за екстрадиција на Џулијан Асанж минатата недела, многу левичари и либерални критичари коментираа дека оваа одлука потсетува на драмата „ Убиството во катедралата“ од Томас Стернс Елиот во која е опишано убиството на Архиепископот Томас Бекет од четири витези за време на владеењето на Хенри II. Првите тројца витези му предлагаат на Архиепископот како да се спаси и го ставаат во искушение, додека последниот витез му предлага да се жртвува за да стане маченик. На ваквиот неморален предлог, Архиепископот одговара „Последното искушение би претставувало најголемо предавство - „да се направи вистинската работа заради погрешна причина“. Во драмата, Бекет се плаши дека „вистинската работа“ (да му се спротивстави на кралот и да се жртвува себеси) де втемелена на „погрешна причина“ (егоистична потрага по нешто возвишено, односно славата што би ја добил кога би бил прогласен за светец затоа што умрел како маченик).
Хегел за оваа сложена ситуација би кажал дека она што е важно во нашите дела е јавното добро од нив: ако направам херојска жртва, тоа е она што важи, независно од приватните мотиви за тоа, кои би можеле да бидат и патолошки.
Неекстрадирањето на Џулијан Асанж во САД е поинаков случај: очигледно дека се работи за вистинска одлука, но она што не е во ред се јавно изнесените причини за тоа. Судијата целосно го одобри тврдењето на американските власти дека работата на Асанж преку Викиликс за примање анонимни фактографски материјали од свиркачи и нивно споделување со јавноста (претходно уредени а најчуствителните делови отстранети) не спаѓаат во областа на новинарството. Судот својата одлука исклучиво ја заснова на психијатриски причини поврзани со ментално здравје на Асажн - при што судијката Ванеса Бараитсер рече: „Вкупниот впечаток е на депресивен и понекогаш очаен човек, кој навистина се плаши за неговата иднина “, додавајќи дека високото ниво на интелигенција на Асанж значи дека тој веројатно ќе успее да си го одземе животот (доколку биде екстрадиран во САД).
Повикување на ментално здравје е оправдување да се испорача правдата. Имплицитната, но јасна порака на судијата е: „Знам дека обвиненијата се погрешни, но не сум подготвена да го признаам тоа па ќе се фокусирам менталното здравје“. (Плус, сега кога судот ја одби и кауцијата за Асанж, тој ќе остане во самица во затвор која и го доведе во самоубиствен очај…). Животот на Асанж е (можеби) спасен, но неговата кауза - слобода на медиумите, борба за право на јавно објавување на какви било државни кривични дела - останува кривично дело. Ова е индикативен пример за тоа на што всушност се сведува хуманизмот на нашите судови.
Но, сето ова е општо познато - она што треба да се направи е да се аплицира драмата на Елиот на уште два неодамнешни политички настани. Дали комедијата и бурулеската што се случи во Вашингтон на 6 јануари не е конечниот доказ - ако воопшто има потреба од докази - дека Асанж не треба да биде екстрадиран во САД? Тоа би било како да се екстрадираат дисидентите кои избегаа од Хонг Конг назад во Кина.
Првиот настан: кога Трамп изврши притисок врз потпретседателот Мајк Пенс да не ги верификува гласовите на електорите, тој со тоа побара од Пенс да ја направи вистинската работа заради погрешни причини: да, американскиот изборен систем со електори е наместен и расипан, лажен и организиран и контролиран од „длабоката држава“. Импликациите од барањето на Трамп се интересни: тој тврди дека Пенс наместо едноставно да дејствува во неговата уставно пропишана улога, може да го одложи или попречи сертифицирањето на Изборниот колеџ во Конгресот.
По пребројувањето на гласовите на 6 јануари, потпретседателот треба само да го прогласи резултатот, при што содржината на неговиот проглас е утврдена однапред - но Трамп пред јавноста сакаше да изгледа како Пенс самостојно да носи одлука (притоа барајќи да ги отфрли електорите од државите во кои републиканците се сомневаат на изборни нерегуларности). Она што Трамп го бараше не беше револуција, туку очаен обид да се претстави позитивно пред своите поддржувачи сакајќи да го принуди Пенс да дејствува во рамките на институционалниот поредок, но притоа интерпретирајќи ги одредбите од законот премногу буквално, многу повеќе отколку што во досегашната пракса биле применувани. (За ова како аргумент тимот на Трамп ги користи зборовите на неодамна починатата врховна судијка Рут Баден Гинсбург која во Врховниот Суд на САД е номинирана од демократите во 1993 година, а која има кажано: „Крајниот датум со значење за изборите е 6 јануари.“ )
Вториот настан: кога про-Трамп демонстрантите го нападнаа Капитол на 6 јануари, тие исто така ја направија вистинската работа но од погрешни причини. Тие имаа право да протестираат против изборниот систем на електори во САД, со неговите комплицирани механизми чија цел е да спречат директно изразување на незадоволство од страна на американскиот народ (ова јасно е кажано и од самите основачи на САД и креатори на Уставот). Но, обидот на поддржувачите на Трамп не претставуваше фашистички државен удар. Вистинските фашисти пред да ја преземат власта подаваат рака и склучуваат договор со големите бизниси и богаташи. Но, во САД после 6 јануари големите бизниси го критикуваат претседателот и велат дека „Трамп треба да биде сменет од функцијата за да се зачува демократијата“.
Па, дали Трамп ги поттикна демонстрантите против големиот бизнис? Не баш: потсетете се дека Стив Банон беше исфрлен од Белата куќа кога не само што се спротивстави на даночниот план на Трамп, туку отворено се залагаше за зголемување на даноците за богатите на 40 проценти, плус тој тврдеше дека спасувањето на банките со народни пари претставува „социјализам за богатите“.
Залагањето на Трамп за интересите на обичните луѓе е како во „Граѓанинот Кејн„ од Орсон Велс кога богат банкар го обвинува Кејн дека зборуваво име на сиромашниот народ, тој одговара, да неговиот весник зборува за сиромашните обични луѓе со цел да се спречи вистинската опасност – а тоа е сиромашните обични луѓе да почнат самите за зборат за себе.
Трамп е суштество од „мочуриштето“ со популистичка фасада
Како што покажа Јувал Кремницер, Трамп е популист кој останува во рамките на системот. Како и кај секој популизам, трамповата верзија на популизам исто така не верува во политичко претставништво и се преправа дека зборува директно за народот - тој се жали рацете му биле врзани од „длабоката држава“ и финансискиот естаблишмент, па неговата порака е: „Само да немавме врзани раце, ќе ги решевме непријатели еднаш засекогаш “.
Сепак, за разлика од стариот авторитарен популизам (како Фашизмот) кој е подготвен да ја укине формално-репрезентативната демократија и навистина да заземе и да наметне нов поредок, денешниот популизам нема кохерентна визија и не говори за некој нов поредок - содржината на неговата идеологија и политика еден неконзистентна папазјанија од поткупување на „нашите“ сиромашни, намалување на даноците за богатите, фокусирање на омразата кон имигрантите и кон домашните корумпирани елити кои ги аутсорисираат работните места итн.
Затоа денешните популисти не сакаат вистински да се ослободат од воспоставената репрезентативна демократија и целосно да ја преземат власта: „без оковите на либералниот поредок против кој се борат, новата десница всушност ќе мора да преземе некои реални (тешки) чекори кои воопшто не се лесни за спроведување“, со што на виделина виделина излегуваат празнините на нивната програма. Денешните популисти можат да функционираат само со бескрајно одложување на нивната цел, бидејќи можат да опстанат единствено во услови кога се прикажани како непријатели на „длабоката држава“ на либералниот естаблишмент. „Новото десно, барем не во оваа фаза, не сака да воспостави врховна вредност - на пример, нацијата или водачот - за целосно да се изрази волјата на народот, што пак би барало напуштање на механизмите на репрезентативната демократија“.
Ова значи дека вистинските жртви на Трамп се неговите приврзаници кои сериозно го сфаќаат неговото квичење против либералните корпоративни елити и големите банки. Тој е предавник на сопствената популистичка кауза. Неговите либерални критичари го обвинуваат дека навидум ги контролира своите приврзаници кои се подготвени насилно се борат за него, дека е покрај нив, и дека ги поттикнува да дејствуваат, дури и насилно. Но, тој навистина НЕ Е на нивната страна. Утрото на 6 јануари тој на митингот близу Белата Куќа на кој се обрати кажа: „Ќе одиме кон Капитол/Парламентот. И ќе дадеме поддршка за нашите храбри сенатори и конгресмени. И веројатно нема да навиваме толку многу за некои од нив, бидејќи никогаш нема да ја вратите сопствената држава со слабост, мора да покажете сила и да бидете силни“. Меѓутоа, кога дел од присутните го сторија тоа и се приближија до парламентот, Трамп се повлече во Белата куќа и гледаше на телевизија како се одвива насилството на Капитол.
Демаскирање на лажната демократија
Дали Трамп навистина сакаше да изврши државен удар? Недвосмислено, НЕ. Кога толпата навлезе во Капитол, тој даде изјава: „Ја знам вашата болка, знам зошто се чуствувате повредени. Имавме избори што ни беа украдени. Тоа беа избори на кои убедливо победивме, и сите го знаат тоа, особено другата страна. Но, сега мора да одите дома. Ние мора да имаме мир. Ние мора да имаме ред и поредок во земјата“. Трамп ги обвини своите противници за насилството и ги поддржа приврзаниците, велејќи: „Не смееме да дозволиме да не наместат овие луѓе. Ние мора да имаме мир. Затоа одете си дома. Ве сакаме - вие сте посебни“.
И кога толпата почна да се распрснува, Трамп објави твит во кој ги брани постапките на неговите приврзаници кои упаднаа и го вандализираа парламентот: „Ова се случува кога светата убедлива победа на изборите ќе се одземе толку див и злобен начин“. Тој го заврши својот твит со: „Запамтете го овој ден засекогаш!“.
Да, и треба да го запомниме - затоа што ја прикажа лажноста на демократијата во САД, како и лажноста на популистичкиот протест против неа.
Само неколку избори во САД навистина беа важни - како што беа изборите за гувернер во Калифорнија во 1934 година. Кандидатот на демократите Аптон Синклер изгуби затоа што целиот естаблишмент во Калифорнија претходно организираше нечуена кампања со лаги и клевети (Холивуд и филмската фела координирано објавија дека, ако победи Синклер, колективно ќе се преселат на Флорида итн.).
Во четвртокот на 7 јануари, Трамп даде уште едно кратко обраќање во кое спротивно на она што го кажа претходниот ден, недвосмислено го осуди нападот врз Капитол како закана за редот и законот и вети дека ќе соработува за мирна транзиција на власта. Иако веројатно ова го кажа од страв за неговата лична судбина, со овој чин само потврди дека и тој бил, и е член на естаблишментот, но не како десничарски херој, туку како кукавица. Не е ни чудо што бројни негови обожаватели веќе го опишуваат како „предавник“ и дел од „мочуриштето“ во Вашингтон, кое вети дека ќе го пресуши. Ова, не значи дека неговите приврзаници во било која смисла се прогресивни и предадени од Трамп. Тие го изразија своето незадоволство на десничарски и популистички начин. Постои зрно вистина во нивните поплаки, но тие самите ги изневерија со начинот на кој делуваа. Колку и да звучи лудо ова што ќе го кажам, доколку навистина го мислат она што го зборуваат, тие треба да го поддржат и да му се придружат на Берни Сандерс.
Бесна, незадоволна толпа што го напаѓа парламентот во име на популарен претседател кој е лишен од својата моќ преку парламентарни манипулации - ви звучи познато? Да. Ова можеше да се случи во Бразил или во Боливија - таму, толпата претседателски приврзаници ќе имаа целосно право да упаднат во парламентот и да го реинсталираат својот претседател. Во САД се играше сосема друга игра. Па, да се надеваме дека она што се случи на 6 јануари во Вашингтон барем ќе стави крај на бесрамното испраќање американски набљудувачи на избори во други земји за да ја оценуваат нивната правичност - сега на самите американски избори им се потребни странски набудувачи. САД се „rogue state“ - термин кој често го користат самите за други земји - и тоа не само откакоТрамп стана нејзин претседател: тековната (скоро) граѓанска војна само го покажува раздорот кој постои цело време.