Кат Банјард е основач на групата UK Feminista и авторка на две книги, „Илузијата на еднаквоста“ (2010) и „Пимп држава: секс, пари и иднината на еднаквоста“. Нејзината најнова книга го критикува „прогресивниот“ одговор на трговијата со секс, според кого таа треба целосно да се декриминализира. Промовирана од институции како UNAIDS, Амнести Интернешнл и Институтот отворено општество, таа подразбира отстранување на сите закони кои ја огрaничуваат проституцијата или профитот на трети страни од неа.
Главниот поттик за менување на законите во оваа смисла доаѓа од група наречена Глобална мрежа на проекти за сексуална работа, чија потпретседателка минатата година била осудена на 15 години затвор заради сексуална трговија. „Целосна декриминализација“ и „легализација“ се притоа два различни концепти. Вториот значи дека дејноста е законска, но и дека постои соодветна легислатива врз основа на која таа се врши. Но ова споменатата група го отфрла, спротивставувајќи се на „сите форми на криминализација и друг вид законска опресија на сексуалната работа“, како и на ограничувања околу тоа „како, кога и каде се одвива сексуалната работа“.
Нов Зеланд често се цитира како случај на целосно декриминализирана проституција, но оваа земја всушност не ги исполнува критериумите, затоа што локалните власти можат да наметнат ограничувања на рекламирањето на проституцијата, како и на тоа каде се лоцирани „борделите“, а оние кои продаваат секс се законски казниви доколку не практикуваат безбеден секс. И таму, но и во други држави каде проституцијата е декриминализирана, тоа придонело за развој на бизнисот, но малку или воопшто не за правата и заштитата на оние кои работат во него.
Законот за реформа на проституцијата во Нов Зеланд бил донесен во 2003, а извештај од 2008 покажува дека генерално борделите кои ги третирале добро нивните работници продолжиле да го прават тоа, а оние кои биле нефер останале такви. Вo Холандија неодамнешно истражување на Универзитетот во Амстердам заклучило дека регулативите само го имаат скриено сега легализираниот сектор од погледот на кривичниот систем, и дека трговијата со луѓе и понатаму цвета зад легалната фасада на легализираната проституција. Споредбено пак следење на 150 земји во оваа смисла покажало дека трговијата со луѓе е поголема во земји каде проституцијата е легална.
Идејата на германската и на холандската влада при легализацијата на проституцијата била секој од вработeните да биде заштитен со договор за работа - но во моментов само 1% од сексуалните работнички во овие земји имаат потпишано таков документ. Само 6% пак изјавиле дека сакаат да имаат таков договор, кој според нив им дава не помали туку поголеми права на „менаџерите“ и ја компромитира нивната анонимност. Седум години по одлуката Холандија да го реорганизира секторот на проституција и да го „исчисти од периферни криминални појави“, владина проценка заклучила дека макроата се сè уште вообичаени, и дека големото мнозинство жени кои работат во амстердамските бордели го прават тоа преку макро („дечко“), а не преку регистрирана фирма.
Оттаму, еден од големите митови за декриминализацијата и легализацијата на проституцијата, со што трговијата со секс станува легитимен дел од економијата, е дека жените кои го продаваат веќе не можат да бидат криминализирани. Но откако законот еднаш ќе ги признае луѓето кои се платени за секс како „работници“ а не како жртви на сексуална експлоатација, тоа ги става во сосема поинаква законска рамка, со поголеми одговорности, а помали права. Единствениот позитивен пример за легализација на проституцијата, според авторката на текстот, е нордискиот, кој го криминализира плаќањето за секс, го декриминализира продавањето секс, и обезбедува поддршка за луѓе кои се експлоатирани преку проституција.
Најпрвин прифатен од Шведска во 1999, овој модел, кој акцентот го става на побарувачката, сега е прифатен од Франција и Ирска, земји со висока стапка на родова еднаквост. Сите други барања за декриминализација всушност значат дефинирање на плаќањето за секс како легитимно потрошувачко однесување, и подразбира државите да кренат раце од проблемот, прифаќајќи ја комерцијалната сексуална експлоатација како нужен аспект на општеството.