„Кога ќе слушнам „Македонија е грчка!“ помислувам на слоганот кој во раните 1900' го користеа противниците на ирската независност. „Улстер е британски!“ Двата крика се идентичен одраз на национална агонија“ пишува Ричард Пајн, директор на Дуреловата библиотека на Крф.
Тој потсетува дека „македонското“ прашање има многу сличности со историјата на Ирска. Кога Ирска освои делумна слобода од Британија, островот беше поделен при што шест од девет региони останаа во Обединетото кралство и сега се познати како „Северна Ирска“, додека останатите три станаа дел од Републиката. „Поделениот Улстер“ станаа тема за плачење на националистите кои продолжија со барања за обединување на целиот остров.
Историски, Улстер е срцевината на ирскиот идентитет и митологија. Најголемиот дел од епската ирска поезија, средовековниот „Улстерски круг“ ги содржат некои од нејголемите херојски фигури на ирската имагинација: Качулаин ( за кој се верува дека е син на келтски бог, со многу сличности со Херакле; едит: „Каучачиан е всушност Cuchulainn. Кај нас е Цуцул или Куцул. Галски митови (а и потекло) има и во Западна Македонија“, ни пиша Ана на Фејсбук.), и Дидре, трагичната хероина која има инспирирано бројни модерни инјкарнации.
На островот Ирска, некои од најсветите топоси на ирскиот идентитет останаа под управа на Велика Британија, слично како што Вергина, која Грците неодвоиво ја поврзуваат со подемот на Александар, остана во Грција, што знае да фрустрира некои наши националисти.
Пајн зборува за историските паралели меѓу двата случаи, за спорните уставни одредби околу обединувањето па доаѓа до суштинските теми: јазикот и идентитетот. Од 1922 година Северна Ирска е управувана од протестантското мнозинството кое го контролира изборниот процес а и ефектно ги сузбива човековите права на католичкото малцинство. Во таква политичка атмосфера ирскиот (галскиот) јазик систематски е потиснуван. „Ако јазикот е основен маркер на нечиј идентитет, тогаш неможноста да се користи во нечие постоење - да не зборуваме за учествувањето во политиката преку гласање - значи некому да му го негираш правото на живот кој има смисла и надежи“, пишува Пајн па додава:
„Мој пријател од Торонто чиј македонски татко емигрирал во Канада пред 100 години, се врати во неговото родно село, во денешна Грција, да ги бара своите корени. Таму откри дека не само што биле преорани гробиштата со дистинктивни македонски надгробни плочи туку дека и комплетно „исчезнале“ сите црковни книги со податоци за родени и умрени. Не можеше да заклучи друго освен дека грчките власти, и цивилните и верските, ги бришат сите трагови на еден идентитет чие постоење сакаат да го негираат“.
Пајн отворено порачува дека Грција мора да го признае постоењето на македонскиот јазик и култура, наследство кое е делумно е споделувано со класичната Грција а делумно е самостоен историски ентитет со наследство кое трае и денес.
„Да се продолжи да им се негира правото да се нарекуваат Македонија е апсурдно, исто како што се апсурдни некои илузии за етничко или територијално обединување на нешто што отсекогаш била непрецизна географска област“, вели тој. "Историјата никогаш не може да биде присвоена од една или од друга страна. Таа е да се споделува"
„Ирска можеби никогаш нема да се обедини. Македонија исто така. Ирците кои живеат во Северна Ирска, во Велика Британија, секако се Ирци, без разлика дали се во ЕУ или не се. Истото важи и за Македонците од двете страни на границата. Ако Александар навистина беше „Велики’, тогаш тој може да биде и Велик за Грција и Велик за Македонија“, пишува Ричард Пајн во Катимерини.