Ковид ја истакна детската незрелост на западната демократија

Владите премногу лесно се дефокусираат со инстантна гратификација за да видат каде лежат вистинските интереси.

Врвната гордост на демократијата е дека на општеставата најдобро им оди кога луѓето ја преземаат одговорноста за својот живот. Ковид 19 ја тестираше оваа теорија. На секои неколку месеци Западот го пука шампањот за да го прогласи крајот на пандемијата. Мамурлакот е уште полош заради неговата предвидливост. Фактот дека западните демократии ретко можат да размислат еден чекор понапред, лошо зборува за нивната способност да се борат со глобалното затоплување - или планот за следната пандемија.

Инстантната гратификација е обележје кое вообичаено се поврзува со деца. Во 1960-те, научници од Станфорд Универзитетот го составија познатиот маршмелоу тест кој ги наградува младите деца што ќе можат да издржат неколку минути да не изедат еден маршмелоу, и за возврат ќе добијат два. „Кул“ децата - оние кои се воздржаа пред предизвикот - имаа подобар животот од оние со „возбуден“ начин на размислување кои не можеа да чекаат.

Сето ова ќе му звучи познато на секој што го следи начинот на кој Западот се справи со коронавирусот. Податоците и анегдотите оставаат мала сомнеж дека демократиите се најлошо управуваните општества во светот, освен сите останати. Насилниците не се решение за сите проблеми. Бидејќи демократиите имаат тоа што академиците го нарекуваат „легитимност на системот“ тие се подобро заштитени отколку автократските системи (кои зависат од „легитимност на перформансите“ и закана) од потребата да им се умилкуваат на толпите. Кинеските лидери, со други зборови, треба повеќе да се плашат од гневната популација отколку американските.

Но не е утеха тоа што демократијата е најмалку лоша опција. Секој систем на крај ќе успее или ќе пропадне во зависност од две мерки. Дали е способен да ги одбрани своите интереси? Дали учи од своите грешки? Начинот на кој Западот реагираше на ковид даде проблематични одговори на двете прашања. Растечката ранливост на светот на пандемија е јасна повеќе години. Евтините мерки, како системи за споделување податоци, и правење залихи од неопходна опрема беа постојано препорачувани. Владите ништо не направија.

Цената на оваа пандемија до сега беше 10 илјади милијарди долари јавен долг, што е 700 пати повеќе од годишниот трошок за креирање на скромен глобален фонд за подготвување за таква катастрофа. Паралелата со климатски промени не треба ни да се објаснува. Ова е и без кон неа да се додаде човечката трагедија на 4 милиони човечки животи изгубени во пандемијата на ковид-19 - или околу 10 милиони врз основа на вишокот на смртни случаи.

САД имаат доток на стотици милиони вакцини што 90 милиони луѓе од неговата популација одбиваат да ги примат. Наместо да остават на вакцините да им истече рокот, очигледниот чекор на Америка треба да биде нивна испорака на земјите кои веднаш ќе ги искористат или задолжително да им бидат дадени на невакцинираните Американци. По можност и двете. За жал, администрацијата на Џо Бајден не презема ни еден од овие чекори од страв да не испровоцира емоционална реакција. Наметнување на задолжително вакцинирање ќе ја заостри борбата со оние што мислат дека вакцините и маските се напад на нивната „слобода“. Испраќањето на залихите во странство веднаш би довело до критики дека Бајден повеќе се грижи за странците отколку за Американците.

Следната фаза на Западот ќе биде да им понудат „засилувач дози“ на веќе вакцинираните. Како што посочи првиот човек на СЗО, таков чекор ќе го прошири јазот меѓу богатите држави, кои имаат дадено 100 дози на 100 луѓе, и сиромашните, каде стапката е 1,5 дози на 100 луѓе. Имунитетот на овие вторите е идентично важен за Западот како и неговиот имунитет. Епидемиолозите предупредуваат дека на вирусот му недостасуваат само неколку мутации пред да ги порази вакцините. Потоа пак ќе бидеме на нула.

Оптимизмот на Западот се базира на брзината со кој неговите научници испорачаа ефикасна вакцина. Нашите демократии може покажуваат детски карактеристики но овие деца се талентирани. Има нешто во тоа. Меѓутоа како што секој учител знае, талентираните деца многу слабо ги разбираат своите граници. Ако Бајден е сериозен околу натпреварот меѓу демократијата и автократијата, тогаш тој треба да направи многу повеќе од зборување за заедничките вредности. Демократијата треба повеќе да покаже а помалку да зборува. Западот треба да ги разбере бенефитите од споделување маршмелоу.

Едвард Лус,
Фајненшл тајмс

5 август 2021 - 16:28