Очигледно Азербејџан многу поуспешно ги извезувал сопствените вредности на Запад отколку обратно. Во ред, зборот „вредности“ можеби е пресилен, ама килими, луксузни производи и пред сè пари - за тоа се работи. Некои пратеници очигледно со задоволство ги земале тие подароци и за возврат ги буткале под тепих извештаите за човековите права во Азербејџан.
„Многу веројатно“ било така, велат барем тројца независни стручњаци во својот завршен извештај. Уште еднаш се покажува: Европа себе си често се гледа како морална перјаница, но - таа тоа не е.
Со други зборови, зошто воопшто учествуваме во сето тоа? Политичари со добри плати обезбедени од европски даноци со години седат во една маргинална институција. Мнозинството граѓани ги занима што тие таму работат? Дури ни на објективните посматрачи не им е секогаш јасно има ли тоа уште смисла.
Политичарите кои би требало да се борат против корупција ја поправале состојбата на своите банкарски сметки на нелегални начини, што е сега обелоденето. И тоа не е осамен случај, туку, како што стојат работите, во тоа се вмешани повеќе членови на Советот. Сите од земји кои всушност имаат поинакви корупциски стандарди. Германија, на пример.
Треба ли да се затвора дуќанот? Тој не служи за ништо, ги чини даночните обврзници пари и фигурира како платформа за богатење на корумпирани европски пратеници. Никој во европските институции или престолнините на ЕУ не би требало да се чуди ако сега стигнат и такви барања. Има тука нешто.
И против - аргументот е точен: подобро е меѓусебно да се разговара во такви форуми и да се залага за одредени вредности - изгледа дека повеќето парламентарци тоа сè уште го прават. Тоа е посебно точно во односите со Русија, бидејќи одржувањето на дијалогот може да го одржи мирот.
Но Советот на Европа сега е во нокдаун. Ако не сака да биде нокаутиран, во Стразбур нешто итно мора да се смени. Луѓето кои таму работат мора да се борат за официјалните вредности на нивните институции. За досегашната „кавијарска дипломатија“, мора да постои само една работа - нулта толеранција.
Макс Хофман, за Дојче Веле