Кина веќе не ја почитува Америка - и има и зошто

Како што Бил Маер совршено ќе сумира пред неколку денови, главната разлика меѓу двете држави е што Кина се уште може да истурка големи проекти, а Америка, не баш.

За голем број од нашите политички лидери, владеењето стана спорт, забава или само безумен племенски судир. Не е ни чудо што кинеските лидери нè гледаат како нација на залез од империјата, која живее на последните пулсови од американската „исклучителност“. Би сакал да можев да кажам дека сите до еден не се во право.

Да, Кина има големи проблеми. Нејзините лидери не се 3 метри високи, ама се фокусирани на реалните метрики на успехот.

„Кинеските лидери се жестоки но фрагилни. Токму затоа што не се избрани на избори, тие секој ден се будат уплашени од својот народ, и тоа ги прави многу фокусирани на сопствените перформанси, (посебно околу вработеноста, домувањето и чистиот воздух),“ тврди претседателот на консултантската компанија АПКО Ворлдвајд, Џејмс Мекгрегор.

Наспроти нив, американските политичари се избрани од безбедни, скроени изборни единици и гледаат да останат на власт само „настапувајќи“ за својата база со популистичка кореографија.

Секогаш кога ќе го посочам ова, критичарите од крајната десница и крајната левица апсурдно реагираат со „ах, значи ја сакаш Кина“. Всушност јас не сум заинтересиран за Кина. Јас се грижам за Америка. Мојата цел е да нè преплашам нас и да нè извадам од удобноста, со тоа што ќе направам повеќе Американци да разберат дека Кина навистина може да биде зла И навистина може да биде фокусирана на образование на своите луѓе и изградба на инфраструктура и унапредување на владини бирократи по основа на успех - и сето тоа истовремено. Осудувањето на Кина за првото ќе има нула влијание ако ние не сме еднакви со нејзе кај второто.

На минатонеделниот состанок во Аљаска меѓу водечките американски и кинески дипломати, кинеските функционери прилично јасно кажаа дека повеќе не се плашат од нашите критики, бидејќи веќе не нè почитуваат како што некогаш нè почитуваа, а тие мислат дека и остатокот од светот повеќе не нè почитува. Или како што Јанг Џеичи, водечкиот кинески дипломат, отворено им кажа на своите американски колеги: „САД не се квалификувани... за да и зборуваат на Кина од позиција на надмоќ.“

Изненадени? Што мислевте, дека Кинезите не приметија дека нашиот претходен претседател успеа да ги инспирира своите следбеници да упаднат во Капитол, дека мнозинството од неговата партија не ги признава резултатите на нашите демократски избори, дека член на нашиот Конгрес верува дека еврејски вселенски ласери предизвикуваат шумски пожари, дека на левичарски анархисти им е дозволено да окупираат цели делови од центарот на Портланд и со месеци да предизвикуваат хаос, дека за време на пандемијата САД печатеа пари за да им помогнат на потрошувачите да продолжат да трошат - добар дел на стоки произведени во Кина - додека Кина печатеше пари за да инвестира во уште повеќе инфраструктура, и дека вооруженото насилство во Америка е надвор од контрола?

Вие мислите дека не приметија?

И ова ме води до Зимската Олимпијада 2022, која е закажана да се одржи во Кина.

Се поголем број гласови почнуваат да предлагаат да ја бојкотираме кинеската Олимпијада. И имам симпатии кон таа позиција, додека гледаме како Кина ја уништува демократската инфраструктура во Хонгконг и користи кампови за брутално потиснување на Ујгурите, со целосна индиферентност за светското мислење. Како да го игнорираме сето тоа и да се фокусираме на уметничко лизгање?

Меѓутоа работата е што нашиот фокус на победа не треба да е на Олимпијадата 2022, туку Олимпијада 2025.

Ах, немате чуено за Олимпијадата 2025? Ја нема во календарот за преноси на Ен-би-си? Е па ја има во календарот на кинескиот претседател Си Џинпинг. Си унилатерално ја прогласи Олимпијадата 2025 уште во 2015 и порача дека ќе има само два натпреварувачи: Кина и Америка. Ова беше иницијатива која владата на Си ја нарече „Произведено во Кина 2025“.

Тоа беше 10-годишниот план за модернизирање на кинеската производна база преку масовно инвестирање на државни ресурси за доминирање во она што Си го дефинираше како 10 клучни хај-тек индустрии на 21-от век, и тој имплицитно ја предизвика Америка на директен судир.

Овие индустрии вклучуваа вештачка интелигенција; електрични возила и други возила на нови извори на енергија; 5Г; роботика; нови земјоделски технологии; аеро-вселенски и поморски инженеринг; синтетички материјали; и биомедицина.

И само пред неколку седмици, кога Кина го објави својот 14-ти 5-годишен план, кој го покрива периодот до крајот на 2025, Си уште повеќе застана зад инвестициите на својата влада во „развој базиран на иновации“.  Пораката за Америка е: ќе се обидеме да ве победиме во вашата игра за да не мора никогаш повеќе да зависиме од вас за хај-тек производи.

Мојата порака до Кина е: Внимавајте. Дел од вашите дипломати звучат страшно арогантно. Како што вели поговорката: „Гордоста му претходи на уништувањето, а надменоста на пропаста.“ Америка се уште е подобра во многу области.

Меѓутоа мојата порака до моите сограѓани Американци: Сега мораме да се вратиме и со цела сила да се посветиме на нашата формула за успех.

А тоа е: образование на нашата работна сила до нивото и над она што го бара која и да е технологија; изградба на најдобрата инфраструктура од пристаништа, патишта и телекомуникации: привлекување на најенергичните и најинтелигентни имигранти со цел збогатување на нашите универзитети и започнување на новите бизниси; носење на најдобрите закони за зголемување на иновации финансирани од владата со цел да се прошират границите на науката за нашите претприемачи да можат да ги претворат најветувачките нови идеи во стартапи.

На овој фронт се уште има надеж, смета Мекгрегор: „Конгресот почна да ги прегледува стотиците закони за Кина претставени од минатиот Конгрес со цел да се оформи законодавство поддржано од двете партии за инвестирање во наука и технологија, истражување и развој и американско лидерство во истите технологии кои Кина ги прогласи за следни граници.“ И претседателот Бајден зборува за трошење на илјадници милијарди!

Ништо не може да биде поважно. Бидејќи добрите идеи - почитта кон човековите права, демократијата, независното судство, слободниот пазар и заштитата на малцинствата - не победуваат во светот само затоа што се добри идеи. Тие се шират и се прифатени затоа што и другите сметаат дека тие создаваат правда, моќ, богатство, можности и стабилност во државите кои ги практикуваат.

Американските идеали се вградија во секоја глобална институција во 20 век бидејќи тие беа моќни, а ние бевме моќни затоа што ги имплементиравме нашите идеали.

Меѓутоа ако ние како држава продолжиме да делуваме како што тоа го правиме во последно време - „глупи колку што сакаме да бидеме“ - тогаш нашата моќ ќе ослабе а со тоа и моќта на нашите идеали. Ќе имаме сè помалку влијание врз Кина и остатокот на светот без разлика колку гласно извикуваме „САД, САД, САД“. Па, ајде да победиме на Олимпијадата што е важна.

Томас Фридмен,
Њујорк тајмс

****

Чек да го видите Маер колку беше маестрален:

 

24 март 2021 - 13:23