Кина и сојузниците ќе тргнат против доларот

Иако де-тронизирањето на доларот е тешка и долга операција (економските модели не се менуваат преку ноќ), се проценува дека земјите од БРИКС сепак ќе тргнат по тој тежок пат заради една главна причина: САД претераа да ја користат моќта на доларот како светска резервна валута, за наоколу да маваат со економски санкции заради остварување свои политички интереси.  

Ако петте земји на Брикс сакаа да ја прекинат зависноста од доларот, ќе треба да направат повеќе од само да изберат друга валута за тргување. Тоа не е обична ставка од едно мени, како што сугерираше бразилскиот претседател Лула, прашувајќи „кој донел одлука доларот да биде светска резервна валута? 

„Тој и неговите колеги лидери на Брикс ќе треба да го променат начинот на кој комуницираат со остатокот од светот и еден со друг“, пишува Волфганг Мунчау во Њу Стејтсмен.

По него, клучот е во Кина. Во 2021 година, таа влечеше 43 отсто од својот БДП од инвестиции. Тоа е приближно двојно повеќе од нивото на САД и другите западни земји. Ако Кина успее да префрли дел од својот БДП на потрошувачка, ќе го намали својот надворешен трговски суфицит, бидејќи потрошувачите имаат тенденција да купуваат повеќе увезени стоки.

„Ако сакавте помалку да се потпирате на американскиот долар, ова е местото каде што треба да започнете. Како втор чекор, Кина и другите земји на Брикс би можеле да почнат повеќе да тргуваат меѓу себе, да станат посамостојни во нивните синџири на снабдување и да воспостават своја финансиска инфраструктура“, порачува директорот на Еуроинтелиџенс.

Менувањето на економските модели е тешка работа. Три години после Брегзит, Велика Британија сè уште се бори да се оддалечи од моделот што зависеше од блиската интеграција со ЕУ. Германија мака мачи да ја одржи конкурентноста без евтин руски гас и со нарушена глобална понуда. Во Кина, пак, постојат многу политички интереси на регионално ниво, кои се потпираат на продолжувањето на инвестицискиот бум. Доколку претседателот Си Џинпинг сака да ја извлече земјата од американскиот долар, ќе треба да наметне политика што ќе наиде на отпор од регионалните лидери. Паралелно, Кина, исто така, ќе мора да започне долг процес на префрлање на барем дел од своите девизни резерви вредни 3,2 трилиони долари во други валути. Сето ова би траело долго - можеби една или две децении.

Мунчау смета дека Кина, Бразил и другите, на крајот сепак ќе тргнат по тој пат првенствено поради прекумерната употреба на американските економски санкции. Ако два субјекта вршат трансакции во долари преку нивните банки, во одреден момент трансакцијата поминува низ јурисдикција на САД - тука е моќта на САД да воведуваат санкции.

Барак Обама беше тој што почна да развива економски санкции засновани на доларот како примарна алатка за политиката. Таквите санкции станаа потпора на американската дипломатија. Најподмолната верзија се таканаречените секундарни санкции. Европските компании, на пример, беа принудени да ги почитуваат американските санкции против Иран, бидејќи инаку би го изгубиле пристапот до доларските пазари.

Во меѓувреме, САД станаа многу поагресивни во употребата на таргетирани санкции. Администрацијата на Трамп го забрани Хуавеи. Администрацијата на Бајден ја забрани продажбата на полупроводници со високи перформанси во Кина.

„Санкциите можат да донесат краткорочни политички успеси, но носат долгорочен трошок кој често не се зема предвид. Тој трошок ќе биде намалената улога на доларот како најголема валута во светот. Санкциите ги тераат земјите да ги реорганизираат своите економии. Тоа во моментов се случува во Русија“.

*********

Види и:

Ќе се детронизира ли доларот?

Нема долар, нема санкции, нема хегемонија

Такер: Отиде (ли) Америка во сиромаштија

8 мај 2023 - 12:47